Digital

АПЕЛ ДО ОГЛАСУВАЧИТЕ: Внимателно со децата од генерацијата алфа, тие се клучни во празничниот шопинг

24 дек 2018

Генерација алфа, тоа се децата родени од 2010 година па наваму. Веќе ги има десетици милиони во светот и индиректно стануваат значителен фактор за прометот во екот на празниците. Нивните желби и потреби се тие што родителите ќе ги реализираат во рамките на празничните купувања.

Комуникациската агенција „Hotwire“, спровела глобално истражување во кое биле вклучени повеќе од 8.000 родители.

Од испитаниците, 65% истакнале дека последното купување што го направиле било поврзано со навиките и потребите на нивните деца. Само во САД, на пример, дури 81% од родителите на последното пазарување исполниле желба на нивното дете.

Истражувањето покажало и дека 27% од родителите ги прашале своите деца за мислење пред да купат производи од областа на електрониката, како нов таблет, лаптоп или мобилен телефон. Кај родителите во Велика Британија, процентот е повисок и изнесува 38 отсто.

Масовното присуство на електрониката во нашите животи, ги прави децата од алфа-генерацијата (на возраст од околу осум години) да бидат т.н. digital natives. Нивната природна поврзаност со брзорастечкиот онлајн-свет, води кон постојан раст на нивните потреби и технолошки барања.

Како резултат на овој процес, децата не се само инфлуенсери, туку тие се и одлучувачки фактор (decision makers) кога станува збор за купување на производ поврзан со најновата технологија. Брендовите мораат да го земат тоа во предвид, но во исто време треба да бидат внимателни со маркетингот кон генерацијата алфа.

Мајкл Бербрич, директор за иновации во американската Асоцијација на национални огласувачи, вели дека е паметно брендовите да ги третираат децата и како менаџери.

Треба да се гледа како на како „B2B“ комуникација. Во основа не се обидувате да им продадете, туку се обидувате да ги едуцирате и да ги поттикнете да зборуваат за вашиот бренд, продукт, за вашиот канал. Тие се главни 'decision makers', но не значи дека се и директни купувачи“, вели Берберич.

Според упатствата од познавачите, главна тема на маркетингот за таа генерација треба да биде едукацијата, со што би се стекнала довербата од страна на родителите. На тој начин се избегнува директното рекламирање до децата, што би било и етички прифатливо.

Според истражувањето, 28% од родителите сметаат дека нивните деца ги вреднуваат мобилните телефони многу повеќе од кој било друг предмет.

Кога се однесува за здравјето, 47 отсто од родителите сметаат дека технологијата има негативно влијание врз физичката активност на нивните деца. Но, 75%, пак, сметаат дека технологијата со која се поврзани децата, ќе им биде од помош во нивните кариери во иднина.

Според Ема Хазан, од агенцијата „Hotwire“, брендовите треба да се насочат кон едукација на потрошувачите, односно на родителите.

„На родителите треба да им укажете дека децата се сплотени со технологијата, но во исто време не значи и дека тие имаат поголеми знаења од нив. Треба како родители да знаат што е добро и препорачливо за користење. Помогнете им на родителите, на тој начин ќе ја стекнете нивната лојалност“, вели Хазан.

(AdToDate.mk/Извор: TheDrum)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме