Creative

ПЕРСОНАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРВО МЕСТО: Три дизајнерски трендови што ќе владеат во 2019 година

27 дек 2018

Водечкиот магазин за адвертајзинг „Adweek“ предвидува дека три дизајнерски трендови ќе бидат главни во 2019 година. Анализата се базира на истражување спроведено од страна на консултантската компанија „McKinsey“ што им помага на компаниите да воведат иновации во промовирањето на сопствениот бизнис.

Варијабилни дизајни наменети за различна публика

Според истражувањето на „McKinsey“, персонализацијата во процесот на маркетингот може да ја зголеми продажбата за 30 проценти. Тоа што луѓето го очекуваат од брендовите е да им се обраќаат дректно и довербата да биде стекната врз основа на непосредна комуникација.

Притоа, дизајнерите веќе се хипер-свесни дека нивниот труд треба да биде споделен мултиканално и дека ќе мора да се постигне ефектот на персонализација на брендот кон потрошувачите. Тоа ќе значи наоѓање форми и дизајни што ќе бидат соодветни за секоја потрошувачка група одделно.

Предвидувањата се дека во 2019 година маркетиншката сцена ќе изобилува со мулти-варијации во дизајнерските решенија за логоата. Адаптибилноста на нечие лого ќе биде клучно за неговата препознатливост во различни ситуации, настани и потреби.

Носталгијата и натаму владее

Истражувањето укажува дека чувството на носталгија ги поттикнува потрошувачите да трошат уште повеќе. Тоа воедно значи дека дизајнерите ќе се најдат во ситуација да креираат визуелизации што ќе бидат и безвремен, автентичен елемент за брендовите.

Овој однос кон „старите добри времиња“, којшто беше присутен во 2018 година, ќе продолжи и во следните 12 месеци. Со оглед на постојаните политички и економски превирања низ светот, брендовите ќе се обидат преку идеолошкиот приказ на минатото да дојдат до потрошувачите.

Тоа што може да се очекува во визуелните презентации е уште поголема застапеност на т.н. vintage артистички израз.

Логоа со визуелни трикови

Визуелни 3Д трикови и експерименти со визуелната перспектива и т.н. „мамење на окото“ се очекува да бидат солидно застапени во 2019 година.

Целта на тие логоа е да ги поттикнат потрошувачите да погледнат барем двапати и полесно да го меморизираат брендот.

Во заклучокот на анализата се вели дека новата година ќе биде предизвик за дизајнерите, коишто, преку напуштање на воспоставената пракса, ќе треба да создадат нов и автентичен однос меѓу потрошувачите и брендовите.

(AdToDate.mk/Извор: Adweek)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме