Campaigns

BMW СЕ РЕКЛАМИРА СО РЕЦИКЛИРАНИ ВИДЕА: Гигантот ги промовира и своите половни возила

08 јан 2019

Рециклирањето стана глобално застапена идеологија, па во таа насока почна да размислува и германскиот автомобилски гигант BMW. Сепак, нивниот придонес во заштитата на средината, засега, не е во користење рециклирани материјали, туку во понуда на нивните половни возила.

Компанијата на пазарот, преку застапниците, нуди возила што биле претходно користени. Автомобилите се проверени од сервисот на BMW и сертифицирани како исправни. Понудата со сертифицирање ги опфаќа возилата произведени од 2013 година па наваму.

За да ја промовира оваа своја понуда, која засега е важечка на американскиот пазар, автомобилскиот гигант реши да се рекламира со стари видеа, што биле користени во времето кога тие модели биле нови.

Така, една од рекламите е сцената со девојка што му раскинува на своето момче така што ги остава сите негови работи, а го зема само заедничкиот BMW автомобил.

Нарацијата во позадина на старо-новите реклами објаснува дека со „рециклираните“ видеа компанијата заштедила многу, а го добива истиот маркетиншки квалитет и ефект.

Преносното значење е дека може да се купи веќе користено возило за многу пониска цена, и да се добие истиот квалитет со оглед дека автомобилите имаат сертификат од нивниот сервис.

Видеото со момчето и девојката има две верзии, речиси идентични една на друга. Нараторот објаснува дека толку многу заштедиле со рециклираните реклами, што можат да ги повторуваат колку сакаат.

Кампањата содржи повеќе видеа, за различни модели, а може да се погледнат и на каналот на BMW на Јутјуб. Зад реализацијата на оваа кампања стои агенцијата Goodby Silverstein & Partners од Сан Франциско.

(AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме