Пред да почнете со објавување на социјалните мрежи, клучно е да ја познавате сопствената публика. Демографската слика за публиката се менува од една до друга платформа, а со тоа и навиките на корисниците и времето кога се приклучени за социјалните мрежи.
Според анализа на Zazzle Media, британска агенција што се занимава со маркетинг на социјалните мрежи, времето за објавување на социјалните платформи зависи од фактори што се менуваат од пазар до пазар.
Сепак издвоени се неколку карактеристики што би можеле да се применат кај корисници во различни краишта на светот.
Анализата е правена одделно за секоја од најпопуларните социјални мрежи. Издвојуваме три од нив: Фејсбук, Инстаграм и Твитер.
Кое е најдобро време за објавување на Фејсбук
Со повеќе од 1,49 милијарди активни корисници, „Фејсбук“ може да биде одлична алатка за промоција. Сепак, со новите алгоритми, Фејсбук ги затвори вратите за бизнисите и им даде повеќе простор на индивидуалните корисници.
Сепак, начин да бидете забележани е да имате конверзација со објавата. Затоа треба да се бира време кога шансите за почеток на конверзација се најголеми.
Најдоброто време за „постирање“ на Фејсбук е среда околу пладне и околу 2 часот попладне, како и четврток во периодот околу еден и два часот попладне.
Нивото на т.н. „engagement“ опаѓа за време на викенди, кога повеќето од корисниците не се онлајн. Така, работните денови се покажале како најбезбедни за објавување на Фејсбук.
Исто така, треба да се избегне времето кога таргетираната публика е зафатена. Така, доколку целната група се ученици, тогаш подобро е да се „постира“ половина час пред почетокот на наставата и половина час до четириесетина минути откако завршува наставата за повеќето училишта.
Не ги трошете парите на постови што се објавени во период кога никој не ги гледа за да почне конверзација, а која е неопходна за вашиот пост да се задржи во видното поле на корисниците.
Најдоброто време за постирање на Инстаграм
Инстаграм е платформа што е дизајнирана за користење преку паметните телефони и за пласирање визуелна соржина.
Сепак, исто како кај Фејсбук, така и алгоритмите на Инстаграм постојано се менуваат. Затоа е тешко да се предвиди дали вашата содржина ќе дојде до посакуваната публика, особено што нема хронолошки ред во прикажувањето на објавите. Нивната видливост зависи од тоа колку коментари или „лајкови“ добивате.
Бројките покажале дека најпогодно време за промотивни објави на Инстаграм е од вторник до петок, во периодот од 9 наутро до шест попладне. Викендите се исто така погодни за Инстаграм, со оглед дека се работи за платформа што е фокусирана на визуелни прикажувања.
Исто така, битен момент е објавите да се планираат според клучните календарски настани. Треба да се бира соодветна содржина за време на Нова година, Велигден, Божик, како и за бројните празници во текот на годината.
Статистките покажале дека е добро да се изненади публиката и да ѝ се даде тоа што го посакува во мигот, а не ѝ е достапно.
Така, како пример, ако се работи за туристичка агенција, тогаш полн погодок е на публиката среде зима да ѝ се даде понуда за летен одмор. Корисниците сакаат понуди што им даваат можност да избегаат од актуелната непогодна ситуација.
Кога е најдобро време за објава на Твитер?
Кога се работи за Твитер, ситуацијата е сосема поразлична и популарноста на содржините зависи исклучително од активностите на публиката. Со оглед дека видливоста во голема мера е зависна од самата публика, објавите на Твитер се водат по сличен терк како кај Фејсбук.
Така, според анализата на агенцијата, деновите од работната недела се многу поефикасни за објави на Твитер. Се препорачува твитањето и ретвитувањето да се случуваат во период од три до шест попладне.
(AdToDate.mk/Извор: zazzlemedia)