Познатиот британски дневен весник „Тајмс“ почна капања со која британските политичари и парламетот ги спореди со зоолошка градина.
Кампањата содржи видео, чија содржина е експлицитно критички настроена кон актуелната политичка ситуација во Велика Британија. Британските законодавци се прикажани како шимпанза, змии, хиени, стаорци, мршојадци, овци.
Симболиката со изборот на животинските видови во спотот е повеќе од јасна. Британскиот весник сака да ја прикаже комплицираната ситуација што постои на политичката сцена во земјата. Сето тоа е во контекст на 29 март, денот кога Велика Британија треба и официјално да ја напушти Европската унија.
Во целата таа зоолошка приказна на удар се најдоа и бројните медиуми, кои се прикажани како папагали. Симболиката и тука е сосема јасна.
Целото видео наликува на сцена од познатото дело „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел, во кое преку ликовите на животните се критикува општеството.
Спотот беше објавен на 15 февруари и веднаш стана хит меѓу корисниците на социјалните мрежи во Велика Британија.
Конечно ред на сиот хаос воспоставуваат лавот и еднорогот, коишто се појавуваат на крајот од видеото. Симболиката и тука доаѓа до израз. Лавот и еднорогот се симбол за Велика Британија, а воедно стојат како амблеми и на логото на британски „Тајмс“ и на неговото под-издание „Сандеј тајмс“.
„Во кампањата се прикажани сета конфузија и фрустрација што постои во нацијата, додека ние, во 'Тајмс' се трудиме да внесеме појасна слика преку балансираното медиумско известување во овие клучни моменти за британската политика“, вели Џон Витроу, уредникот на Тајмс.
(AdToDate.mk)