Путин е толку моќен, што може да го вклучи и дождот. Така на шега може да се објасни кусата кампања што се води во Русија, а која е насочена против медиумската цензура.
Се работи за досетливо видео на рускиот независен канал „Дожд“, којшто е под цензура веќе неколку години. Програмата на овој канал не смее да се емитува преку кабелските оператори во Русија, ниту, пак преку сателит.
Единствено што им останува на новинарите што работат за каналот е да емитуваат преку интернет каде содржините што ги креираат се достапни по принцип на претплата.
За да го зголеми бројот на претплатници, каналот почна исклучително храбра и креативна кампања. Дизајнирана е апликација со која се овозможува на секој што ќе го скенира и прикаже ликот на рускиот претседател Владимир Путин да добие бесплатен пристап до содржините на каналот „Дожд“ во текот на еден ден.
Од таму и слоганот дека Путин може да вклучи и дожд. Истата кампања воедно е реакција на ветувањата на рускиот претседател дека ќе биде укината цензурата. Но, очигледно таа постои, па на медиумите им останува да се снаоѓаат најдобро што умеат.
Кампањата на каналот Дожд засега носи позитивни резултати. Во период од две недели, откако стартувала кампањата, бројот на нови корисници се покачил за речиси четири проценти.
Зад реализацијата на кампањата стои маркетинг агенцијата RA Voskhod од Русија. Заедно со видеото оди и мелодија со рефрен што лесно се памти.
(AdToDate.mk)