Admen

ФОЛКЕР ВРЕЈЏ, КРЕАТИВЕН ДИРЕКТОР: Брендовите имаат карактер и личност истo како и луѓето

02 окт 2017

 

Фолкер Врејџ, сопственик на агенцијата „Врејџ/Антворт“ (Wrage/Antwort) ќе биде еден од предавачите на фестивалот за интегрирани комуникации „Кактус“, што ќе се одржи на 1 и 2 ноември во Белград.

На фестивалот, Врејџ ќе зборува за брендовите, за маркетингот со инфлуенсери, како и дали и на кој начин денес инфлуенсерите влијаат врз начинот на размислување на луѓето.

Завршил психологија, пет години работел како стјуард во авионска компанија, настапувал како диџеј. За кратко време по влегувањето во маркетинг светот, успева да стигне до позиција креативен директор.

* * *

Од психологија, до креативен директор во маркетинг агенција. Во која мера вашите студии по психологија денес Ви помагаат да заклучите што е тоа што клиентот го посакува?

- Психологијата секогаш помага. Многу ќе научите за перцепцијата, за тоа како луѓето ги обработуваат информациите, за човековите желби, за нивното однесување. Тоа е вредно знаење кога работите во индустријата на огласувањето. Исто така, ми помага да се фокусирам на тоа што луѓето го сакаат и од коешто имаат потреба. Во маркетингот може да се биде успешен само ако се разбере психологијата на потрошувачот.

Зошто е подобро да се биде добар човек и како некој да се справи со факторот „asshole“? Што мислите Вие за тоа?

- Постои многу едноставен одговор за тоа: Лошите луѓе секогаш носат повеќе штета отколку корист. Компаниите, пак, тоа сè повеќе и повеќе го сфаќаат. Да се биде добар човек е клучно за долга и успешна кариера, како и за поздрав и среќен професионален живот. Веројатно во светот секогаш ќе има лоши луѓе. Но, сè оди на подобро. Не во политиката, туку во корпоративниот свет.

Ако ги погледнете најуспешните брендови на планетата, ќе видите дека токму тоа е заедничкото за сите нив. Имаат карактер и личност, исто како луѓето

Зошто брендовите мораат да се однесуваат како добри луѓе? Дали брендот е човек?

- Тоа во основа и не е толку нова идеја. Отсекогаш кај луѓето кои работат во маркетингот постоела желба брендот да го направат пријател на потрошувачите. Но, тие и натаму не успеваат во тоа и брендот го третираат како предмет, а не како човечко битие.

Луѓето сакаат да му веруваат на брендот, сакаат да имаат слични идеи, па дури и мислење. Ако ги погледнете најуспешните брендови на планетата, ќе видите дека токму тоа е заедничкото за сите нив. Имаат карактер и личност, исто како луѓето.

Која е тајната на успешните инфлуенсери? Што е тоа што е толку посебно кај нив?

- Успешен инфлуенсер е некој што има страст и е добро информиран за одредена тема или област, но во исто време е и способен таа страст и знаење да ги презентира исклучително интересно и релевантно. Инфлуенсерите се во состојба да креираат содржини што на другите луѓе им се чинат корисни и забавни и ги следат зашто таа содржина им дава некоја вредност во животот.

Во која мера инфлуенсерот може да влијае и врз јавното мислење?

- Во мигов инфлуенсерите се претежно фокусирани на начинот на живеење, на производите, забавата... Дел од нив всушност и работат на тоа да влијаат врз јавното мислење кога станува збор за битни прашања. Но, тие се во мал број.

Постојат луѓе кои се обидуваат да го прават тоа, при што има и такви кои се опасни и манипулативни и се обидуваат да влијаат на изборите и на политичките текови во државите, но и на прашања поврзани со стопанството и економијата.

Инфлуенс-маркетингот ќе има многу битна улога во огласувањето во следните години. Тоа ќе го зголеми кредибилитетот на кампањите, ќе им помогне на мали брендови и претпријатија да се огласуваат

Секако, има и позитивни примери. Се сеќавате на почетокот од Арапската пролет. Тие луѓе не ги нарекуваме инфлуенсери, иако и всушност тоа се.

Која е иднината на инфлуенс-маркетингот? Како ја гледате идната соработка меѓу брендовите и инфлуенсерите?

- Инфлуенс-маркетингот ќе има многу битна улога во огласувањето во следните години. Тоа ќе го зголеми кредибилитетот на кампањите, ќе им помогне на мали брендови и претпријатија да се огласуваат, ќе создаде партнерства меѓу брендовите и креаторите на содржини и ќе продолжи да се развива до точка во која токму инфлуенсерите ќе бидат тие што ќе им помагаат на брендовите да бидат поблиски до луѓето.

Што можат да очекуваат учесниците на фестивалот „Кактус“ на вашето предавање и на работилницата?

- Многу смеење, корисни информации и применливи примери. Во текот на работилницата ќе се обидеме низ заеднички сили да навлеземе подлабоко во суштината на инфлуенс-маркетингот, да дознаеме што може да се направи за брендовите и како овој тип маркетинг да го направиме покорисен за компаниите.

tags:




Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме