Admen

НИКОЛА ВОЈНОВ, КРЕАТИВЕН И АРТ-ДИРЕКТОР: Ја сакам паниката додека се „мачам“ да смислам идеја

03 окт 2017

Пишува: Ивана Тасев
Фотографии: Приватна архива

Никола Војнов е еден од ретките луѓе во маркетинг секторот, кој речиси 20 години откако е втурнат во оваа фела нема променето маркетинг агенција. Вели дека за занаетот учел од најдобрите, и затоа толку е приврзан за „Њу момент“ (New moment), каде ја започна својата приказна и од која сè уште не се откажува.

Изминативе години беше креативен директор во скопската агенција, а од неодамна направи трансфер во белградската „Њу момент“, каде е поставен на позицијата арт-директор.

* * *

Почнавте во „Њу момент“ и сè уште сте ѝ верен на оваа агенција. На што се должи ваквата посветеност? На вашиот карактерен поглед или тие имаат нешто што вие навистина не можете да го одбиете?

- Вака гледано и помалку смешно ми изгледа таа моја речиси дваесетгодишна дружба со „Њу момент“. Не станува збор за некаква безусловна посветеност. Тоа беше првата агенција во која се вработив.  Бев баш „дрво“ тогаш. Без никаков посериозен контакт со каква било визуелна уметност. На почетокот бев примен како јуниор дизајнер. Дете што го владее софтверот и сака да учи.

Го сакам секој момент на паника додека се „мачиш“ да смислиш идеја. Радоста кога ќе ја добиеш идејата. И разочарувањето кога ќе сфатиш самиот дека идејата и не ти била добра

Toa беше далечната 2000 година. Тогаш тотално несвесен меѓу какви луѓе упаѓам. Тимот беше прилично мал. Театарскиот режисер Александар Поповски во тоа време беше креативен директор заедно со Душан Дракалски, Филип Унковски и Јана Ацевска. И јас, 20-годишно дете на кое ништо не му е јасно. Мислам дека и не можеше подобро опкружување да начекам на самиот старт.

Од сите нив имаше многу што да научам. На самиот старт најмногу од Јана. Таа ми беше нешто како строгата принципиелна учителка која многу си ја сакаш.

Во повеќе наврати имав обиди да ја прекинам таа моја долгогодишна соработка со „Њу момент“ и да продолжам со некоја друга агенција, но тоа секогаш беше само неуспешен обид.

Едноставно мислам дека „Њу момент“ беше најдобрата агенција во која ми одговара да работам. Агенција која од самиот старт на прво место ги вреднува креативноста и инвентивноста. Таму научив да уживам во креативниот процес. Да го сакам секој момент на паника додека се „мачиш“ да смислиш идеја. Радоста кога ќе ја добиеш идејата. И разочарувањето кога ќе сфатиш самиот дека идејата и не ти била добра. И така сè во круг. Тоа е најбитното нешто во оваа работа за мене.

И, не ми одговоривте, какво е чувството да се биде толку доследен?

- Навистина не знам. Најдоследен во животот бев кога успеав да ги оставам цигарите на неколку години, ама и тоа заврши.

Ќе Ве вратам во рикверц, 18 годинин назад. Човек, кој по вокација е педагог и дипломец на Педагошкиот факултет, како воопшто дојде до идеја да си ја испроба среќата во маркетинг бизнисот?

- Па, платата е нешто подобра. Се шегувам. Тотално не ме бива да работам со деца. Тоа е многу потешко. Ама сето тоа и нема никаква врска во мојот случај. Осумнаесет  години наназад веќе имав работа во „Њу момент“, но имав и родители кои секојдневно ми зборуваа дека морам да завршам факултет. Кој било факултет. Па педагошкиот беше само најлесната опција како да се заврши тој разговор. Ништо повеќе.

Желбите за студирање ми беа доста поразлични од Педагошкиот факултет и донекаде во правец на мојата сегашна професија, но тие тогаш не се остварија. Денес баш ме интересира дали четири години формално образование ќе ме подготвеа подобро од четири години учење од колегите што ги имав.

Се сеќавате на вашите почетоци, кои обрвски ви беа доделени за постепено да се изградите во она што сте денес, креативен директор. Како напредувавте?

- Полека. Кога влегов во „Њу момент“ дојдов како дете кое многу добро се справува со софтверите. A вистината беше тотално спротивна. Се сеќавам дека „Илустратор“ за првпат во животот накусо го отворив пред да заминам на интервјуто за работа. Останатите не ни знаев дека постојат воопшто.

Никогаш не се амбицирав да станам креативен директор, само се трудев тоа што го правам да го правам најдобро што можам. Сè натаму некако само се развиваше

Едноставно прифаќав да направам што и да ми беше побарано, па потоа дома вечерта наоѓав начин како и го учев потребниот софтвер. Дури потоа почнав да учам да бидам дизајнер. Да сфатам дека адвертајзингот е на некој начин игралиште каде можеш многу идеи што ти се интересни да ги реализираш. И тоа е прекрасно.

Во тоа време сите многу мечтаевме некој ден можеби и награда да освоиме. Фестивалот „Голден драм“ (Golden Drum) во Словенија ни беше некаков репер за квалитет. Сакавме да бидеме подобри од тие таму. И со години го бркавме тоа. Со години ни изгледаше како недостижно. Ама тие години бркање на некои повисоки вредности нè направи сите нас од таа генерација во адвертајзингот тоа што сме денес.

Едноставно, јас никогаш не се амбицирав да станам креативен директор, само се трудев тоа што го правам да го правам најдобро што можам. Сè натаму некако само се развиваше.

Доколку направите куса ретроспектива, на кои ваши дела, кампањи, креативни решенија најгордо се сеќавате?

- Тоа би била долга листа. Прво не сите биле само мои дела. Предноста на работа со тим е дека не си индивидуалец - креативец, кој сè сработува сам, туку секој од нас го вложува својот максимум. На крај за делото секогаш имаат заслуга повеќе луѓе.

Ако издвојам една работа би го истакнал проектот „Творница“ на кој работев заедно со Хари и Александар Дудески. Преубава екскурзија во други сфери на дизајнот. Доста научив во целиот тој процес. И доста драги ми се продуктите кои ги направивме.

Изминативе години бевте креативен директор во скопскиот „Њу момент“. Има ли креативност во директорувањето?

- Па секако дека е неопходна некаква вештина или умешност во справувањето со предизвиците и пред сè со луѓето. Ама тоа е некаква друга креативност. Јас се чувствувам покомпетентен за онаа другата.

Што е вашата дефиниција за креативен директор, не говорам за онаа која можеме да ја „изгугламе“?

- Не знам дали имам дефиниција што е креативен директор. Веројатно секој си има свој принцип на работа. Знам само за тоа што јас се трудев да го правам. Да бидам некаков пример и да помагам да напредуваат сите во тимот. Сепак завршив Педагошки факултет.

Имавте ли тим зад себе кој одговорно, агилно и прецизно умее да ги реализира вашите замисли?

- Работата на креативниот директор е да го насочува тимот и да ги препознава идеите, не да го користи тимот како егзекутор на своите желби. Но, да се вратам на прашањето, апсолутно да.

Никогаш не сум се нафатил да работам на кампања која има за цел да промовира вредности или наметнува размислувања со кои не се сложувам.

Иако бев креативен директор во „Њу момент“ во период кога повеќето од веќе докажаните креативци, не беа дел од тимот, имав млад тим со кој одлично ги реализиравме идеите не само за скопскиот „Њу момент“, туку и за агенциите на „Њу момент“ во Тирана и во Приштина.

Од неодамна сте арт-директор во белградскиот „Њу момент“. Можеби не сменивте агенција, но сменивте држава. Колку е поразлично таму?

- Работите тука се на некој начин како пред десетина години кај нас. Кога беше златното време на aдвертајзингот. Некако кај нас за жал работите отидоа премногу надолу и тоа веројатно тешко може да се корегира. Во секој случај убаво искуство е да се види како се работи во друга земја.

На какви проекти работите во моментов?

- Во Белград сум дојден од неодамна, па уште е рано за покажување на сегашните проекти. Меѓу поинтересните проекти моментално ми е една од кампањите кои сега почнуваме да ги работиме за „Хемофарм“. Се работи за кампања која има за цел да подигне свесност за опасноста од висок крвен притисок.

Верувате ли во тоа што го презентирате на јавноста преку вашите клиенти? Знам дека вистината има повеќе лица, па затоа и Ве прашувам.

- Па, настојувам барем да го презентирам на некој поинтересен начин. Сепак, адвертајзингот се занимава со делот на комуникација, не и со смислување на самиот производ. А тие, производите, понекогаш се кул, а понекогаш и воопшто не се. Но сепак се само производи.

Од друга страна, пак, никогаш не сум се нафатил да работам на кампања која има за цел да промовира вредности или наметнува размислувања со кои не се сложувам.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме