Admen

БОЈАН БАБИЌ, КРЕАТИВЕН ДИРЕКТОР: Неискуството со своите грешки го менува светот на маркетингот

04 окт 2017


Бојан Бабиќ е креативен директор во агенцијата „Егзекјутив груп“ (Executive Group). Во текот на изминативе 12 години работел како копирајтер и соработник креативен директор на агенциите „Инкогнито“ и „МекКен - Белград“.

Тој ќе биде еден од предавачите на фестивалот за интегрирани комуникации, „Кактус“, кој ќе се одржи на 1 и 2 ноември во Белград, каде во натпреварувачкиот дел ќе се оценуваат проекти на агенции од целиот регион.

Бабиќ ќе ја држи работилницата за студенти, при што подготви текст во кој ја најавува темата на која таму ќе се дискутира. Бабиќ со слушателите ќе разговара на тема „Креативниот процес, вечна борба меѓу авторот и цензорот“.

Тој зборува за креативноста, како и за лицата кои се вклучени во процесот на создавање, истакнувајќи дека треба да им се даде шанса на тие што имаат помалку знаење, но се големи креативци.

Во продолжение го пренесуваме неговото обраќање:

Оваа година ќе усчествувам на фестивалот за интегрирани комуникации „Кактус“ и ќе одржам работилница на тема „Креативниот процес, вечна борба меѓу авторот и цензорот“. По тој повод на себе си дадов задача да составам еден стручен текст кој ќе претставува своевиден вовед во таа работилница и кој од повеќе аспекти ќе го расветли патот на создавање кој често го нарекуваме креативност.

Дали најголемите стручњаци од областа на маркетиншката дејност, воедно се и најдобрите и најплодни креативци?

Креативноста, воедно би требало да биде во епицентарот на вниманието на сите ние кои го посетуваме овој фестивал или слични фестивали.

Разгледувајќи многу насоки кон кои оваа анализа би можела да се движи, единствено прашање, кое беше толку очигледно, а поради неговата големина и близина и не можев да го забележам, е: „Дали постои стручност во областа на креативното?“. Следствено на тоа дојде и второто прашање: „Дали најголемите стручњаци од областа на маркетиншката дејност, воедно се и најдобрите и најплодни креативци?“

Кои воопшто се креативните стручњаци? Дали се тоа оние кои од година во година, ентузијастички го употребуваат „терминот на сезоната“, или, пак, оние што неуморно следејќи ги канските рангирања, извлекуваат заеднички карактеристики на најпродорните проекти, ловат правилности и потоа врз основа на тоа дефинираат нови „креативни алатки“.

(Доколку фрлиме поглед на книжевноста како неприменета, постара и пообразована сестра на копирајтингот, што друго би биле стилските фигури, силните метафори, метонимиите, алегориите и секакви синегдохи, што ги учевме уште во петто одделение, ако не се своевидни креативни алатки?)

Стручњак во областа на креативноста е личноста која умее исклучителните идеи да ги препознае, без оглед од каде доаѓаат. Независно дали се од јуниор, од акаунт, од генерален менаџер или од неговиот/нејзиниот сосед

Или, пак, тие креативни стручњаци се оние коишто, усовршувајќи се во презентациските вештини, успеваат да спакуваат и да продадат секоја, па дури и обична, идеја како исклучителна?

Се извинувам што ќе направам уште една паралела со книжевноста/драматургијата, но можеби не би било лошо да се погледне и тој пример. Книжевната пракса покажува дека најдобрите и најплодни писатели и писателки ретко се и најистакнати стручњаци во областа на книжевноста. Стручњаци најчесто се професорите и теоретичарите. Чест на исклучоците, како Умберто Еко.

Мојата дванаесетгодишна пракса во адвертајзинг агенциите на домашни, регионални и глобални проекти ми сугерира да верувам во следново: Ако навистина постои нешто што се нарекува стручњак во областа на креативноста во маркетингот (и ако воопшто постои нешто што се вика „креативец“), тогаш не е неопходно тоа да биде личноста која ги смислува најоригиналните и воедно најсоодветните идеи кои, ако се реализираат, ќе остават трага. Туку, тоа е личноста која умее, пред сè таквите идеи да ги препознае, без оглед од каде доаѓаат. Независно дали се од јуниор, од акаунт, од генерален менаџер или од неговиот/нејзиниот сосед, тетка, дете.

И, уште нешто. Креативниот стручњак е личност која сфаќа дека стручноста која подразбира искуство, нема да го промени светот на огласувањето, ниту светот воопшто, ниту пак ќе донесе нешто ново и револуционерно. Искуството не го менува светот.

Неискуството е тоа коешто, со своите грешки, го менува светот. Неискуството ќе помогне за грешките, кои на тој што е со искуство му делуваат како нешто лудо и невозможно.

Неискуството е тоа кое со своите упорни и неразумни обиди, кои некогаш и успеваат, ќе донесе нов квалитет и креативност. Искуството, пак, тука е да ја препознае таа креативност и да ја канализира.

Ако овој стручен текст треба да има некоја порака, тогаш тоа нека биде ова: Да ја поставиме креативноста пред стручноста, па нека биде што ќе биде.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме