Admen

ЕМИЛИЈА ЗАЕВСКА И КРОЈАН БОЈАН, КОПИРАЈТЕРИ: Верувајте во проектот за да ги „заразите“ потрошувачите

12 окт 2017

 

Емилија Заевска и Кројан Бојан, копирајтери во агенцијата „Меккен“ (McCann) Скопје. Карактерните погледи им се разминуваат, а во поглед на работата мислите магично им се надоврзуваат. Додека едниот гласно размислува, другиот практично го пакува кажаното или, пак, се надоврзува на истото.

Нивниот процес на работа „back to back“ како копирајтери наликува на играта „креативен каладонт“ во која едниот треба да се надоврзе на кажаниот збор на другиот.

Бојан претходно своето професионално искуство го градел во агенциите „Футура„ и „Република“, додека Емилија во сферата на дигиталниот маркетинг работела во „Seavus“ .

Пишува: Ивана Тасев
Фотографии: Никола Николов

Емилија, вие сте економист по професија, сепак работите нешто сосема различно. Изминативе пет години сте дел од тимот на „Меккен“. Влеговте во агенцијата како стручна за дигитален маркетинг, а потоа преминавте во копирајтингот. Лесно сте прилагодлива и брзо учите или Ви требаше период на приспособување?

- Не би рекла дека е сосема различно, мислам дека всушност успеав да го извлечам најкреативниот аспект на мојата професија. Од првиот ден во „Меккен“ Скопје, па сè до денес работите за мене се одвиваа сосема спонтано и природно. Уживав во своите обрски како „дигиталец“, но секогаш барав дополнителен предизвик и начин како тоа што се случува онлајн, да добие своја офлајн-димензија.

За среќа средината во која работам го препозна мојот ентузијазам и желба за симбиоза на овие два навидум различни светови кои и онака веќе се едно и добив супер можност и одличен тим кој ми помогна навистина брзо да навлезам во тајните на копирајтингот.

Бојан, вие сте архитект по вокација, а на крајот се одлучивте да си поигрувате со зборовите, наместо со проектирање. Зошто?

- Универзумот знае да почести со некој блесав сплет од околности. Додека студирав тој мене ме запозна со Иван Пешев.

Копирајтингот претставува уметност во користењето на зборовите, кои директно влијаат во нечија одлука за купување одреден производ или користење услуга. Кој е вашиот механизам да ги мотивирате потенцијалните клиенти за одредени акции?

Емилија: Уметноста не се состои само во користење на зборовите, туку каде и како тие зборови ќе ги пласирате, а тоа можеби е и покомплексниот дел на оваа работа. За да добиеш нечиe внимание и доверба потребно е прво добро да го запознаеш, што сака, во што верува, како се однесува.

Ако е проект во кој верувате, сработен со ентузијазам и возбуда, добро е со истата таа енергија да се „зарази“ клиентот, а ако тоа се случи „вирусот“ лесно ќе се прошири и на потрошувачите

Затоа секој механизам и порака ја засноваме на истражување и добар „insight“ за целната публика. И на крајот доста битно е истата таа уметност во користењето на зборовите да се примени и при презентација на проектот кај клиентите. Ако е проект во кој верувате, сработен со ентузијазам и возбуда, добро е со истата таа енергија да се „зарази“ клиентот, а ако тоа се случи „вирусот“ лесно ќе се прошири и на потрошувачите.

На што му давате примат, на насловот, поднасловот или на самата содржина?

Бојан: Си создавам притисок дека како копирајтер ова што го пишувам треба да е интересно, а не информативно. Од друга страна, пак, страв ми е дека ќе отидам во фолирање. Тешко е да се балансира . Сè е содржина. Сè е битно, иако универзумот не мисли така.

Кои се најмоќните зборови во копирајтингот?

Емилија: Сите зборови се подеднакво моќни и опасни, во зависност од контекстот во кој се ставени и целната група кон која се упатени. За жал некои зборови поради пречестата употреба од голем број брендови стануваат неприметливи. Понекогаш зборовите се залудни, доколку делата на оној што ги испраќа се дијаметрално спротивни.

Колку ја имате анализирано психата на клиентите, што прво и најлесно памети нашиот мозок?

Бојан: Најбитно е проектот што ќе го сработиш за клиентот, да си го продадеш и себе си.

Постои ли тактика со која може да се оцени дали пораката е успешна?

Емилија: При креирањето на пораката прв филтер обично е блиското опкружување и целиот тим којшто работи на задачата. Но, за да го проверам вистински потенцијал на одредена порака обично се консултирам и со некој кој нема никаква допирна точка со адвертајзингот.

Така најчесто добивам информации дали таа е доволно едноставна, разбирлива и интересна за крајниот потрошувач.

Најбитниот дел во креативниот процес е да не се исклучи забавата, да се ужива играњето со сопствените мисли. Почнувам со тоа што ја пребарувам секоја фиока од мојот мозок

Но, на крајот од денот резултатите кажуваат сè, дали една кампања ќе биде препознаена и популарна меѓу својата таргет група како што беше случајот со „Mладост без лудост“ која младите во едно истражување ја прогласија за една од највпечатливите на социјалните медиуми, или пак ќе стане најгледана на „Јутјуб“ како што се случи со „Vip Припејд“ кампањата со бесплатен „Вибер“.

Како, пак, Вие би можеле да сфатите дали вистински сте допреле до вашите читатели и конзументи?

Бојан: Во моментов, ова што го пишувам некој го чита и реално сè уште не знам дали допирам до вашите читатели.

Која е најголемата тајна на копирајтингот?  Можете ли да пуштите барем еден тизер за добра рецептура?

Емилија: Можеби најбитниот дел во тој процес е да не се исклучи забавата, да се ужива играњето со сопствените мисли. Јас почнувам со тоа што ја пребарувам секоја фиока од мојот мозок, ја слушам омилената песна по милионити пат и чкртам најразлични неповрзани зборови во тетратката.

Дури иако тоа што ми се мота низ глава не одговара на дадената задача, ја запишувам идејата, едноставно ја вадам од системот за полесно да преминам на следната. А многу пати токму низ тој процес наоѓам залутани мисли и правци кои водат до крајниот концепт. На крајот од целиот тој процес чекирам дали избраната идеја целосно одговара на производот и дали одговара на прашањето на крајниот потрошувач: „What is in it for me?“.

Постои ли скриена итроштина во копирајтинг пораките или директно им се обраќате на таргет групите за кои се однесува пораката?

Бојан: Битно е да имате добар производ, а потоа да ја нагласите онаа „вистина“ за производот која најмногу ќе ја интересира таргет групата, а притоа да не ја бутнете во зимски сон или тешка депресија. Мразам кога зборувам за таргет групи, делува како да зборувам за пластика. Сори, инер фајт.

Колку самодовербата во вашиот израз има значајна улога во интеракцијата со читателите? Се чувствува ли кога се колебате?

Емилија: И тоа како. Јас по природа сум колеблива и тоа понекогаш знае да ми го отежне самиот креативен процес, но честопати таа колебливост знае да ми помогне во усовршување на крајната порака. Понекогаш дел од колебливоста ќе се почувствува и кај крајниот читател, но мислам дека тоа ѝ дава позитивен, човечки фактор на самата порака.

Зборот може да отвори челични врати, но зборот може и да убие. Ја имате ли апсолвирано неговата суштина?

Емилија: Мислам дека ja имам, сè додека не прочитам нов „Фејсбук“ статус од колегата Бојан. Тогаш сфаќам дека суштината ја создаваме ние самите, одново и одново.

Се плашите ли да бидете многу очигледни во изразот, сакате ли понекогаш да ја завиткате пораката во „украсна“ хартија?

Бојан: Немам проблем со површноста. Реално има неколку песни од Бритни Спирс за кои сметам деа се врв, иако базичната идеја за нивно создавање е правење пари, а не историја.

Додека едниот гласно размислува, другиот практично го пакува кажаното или пак се надоврзува на истото. Тоа е како секојдневно да играме „креативен каладонт“

Кога сме кај историја, господинот Слаткар исто така има неколку силно искрени песни. Сега морам да додадам дека и „Пинк флојд“ ги слушам за да се избалансирам како карактер во вашите глави.

Како изгледа кога тимски се креира одредена порака?

- Тоа е најзабавниот процес. По природа сме различни, но во поглед на работата, нашите мозоци некако магично се надоврзуваат. Додека едниот гласно размислува, другиот практично го пакува кажаното или пак се надоврзува на истото.

Тоа е како секојдневно да играме „креативен каладонт“ (игра во која едниот треба да се надоврзе на кажаниот збор на другиот).





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме