Admen

ИРА СТЕФАНОВ БАБИЌ, „BRAND UNION“: Потребата од дигитални маркетинг услуги е сѐ поголема

25 јан 2018

Ира Стефанов Бабиќ е извршен директор на маркетинг агенцијата „Brand Union“, во чиј состав е професионален тим, кој има комплетно познавање на маркетинг комуникациите, а главен фокус на делување им се интернет каналите и начините на комуникација со истите.

Бабиќ меѓувреме магистрираше во Белград и сега е извршен магистер по деловна администрација, а добиеното знаење ѝ ја степенува професионалната самодоверба. На покана од „Американ Колеџ“ таа ќе биде и професор по предметот Интернет маркетинг и дигитални комуникации.

Пишува: Ивана Тасев
Фото: Приватна архива

Зад вас се години професионално искуство во областа на маркетингот. Во 2012 година се почувствувате доволно зрела за да истапите самоуверено и да отворите своја маркетинг агенција „Brand Union“. Гледано од оваа дистанца, го направивте ли вистинскиот чекор?

- Периодот на донесување одлука беше навистина тежок, но за среќа во ниту еден момент не почувствував дека правам погрешен чекор. Првите 11 години беа период на професионално созревање и стекнување на маркетиншко искуство, кои ми беа од непроценливо значење за сѐ она што следеше по започнувањето со „Brand Union“.

Како агенција, во последниве пет години имаме поминато низ повеќе промени кои следеа како логичен одговор на развојот и потребата за интернет маркетинг, но сепак со искрена и посветена работа успеваме да понудиме креативни комуникациски решенија, што функционираат за онлајн медиумите.

Оваа агенција иако ги покрива сите гранки од маркетингот – од идеја до реализација, сепак е најмногу фокусирана на дигиталниот маркетинг. Дали тоа значи дека се крева свеста на  клиентите да се фокусираат на интернет каналите и социјалните медиуми?

- Тимот на „Brand Union“ е составен од професионалци што имаат комплетно познавање на маркетинг комуникациите, но нашиот главен фокус и делување е на интернет каналите и начините на комуникација со истите. За разлика од 2012 година, кога почнувавме, сега веќе состојбата е променета и потребата на компаниите за интернет маркетинг услуги е сѐ почеста.

Во моментов не познавам човек што не е свесен за големината и моќта на социјалните медиуми, во споредба со 2012 година, кога многумина веруваа дека тоа се глупости за мали деца. Паралелно, компаниите сфатија дека овие моќни медиуми се одличен начин за рекламирање, а при тоа и поевтини од традиционалните медиуими.

Ви се случува ли често да Ве побараат потенцијални клиенти што веќе имаат сработена кампања, а чиј живот сакаат да ѝ го продолжат по социјалните медиуми и останатите интернет канали?

- Најчесто работиме на кампањи што ние креативно ги осмислуваме, но не е ретко да работиме и во соработка со други маркетинг агенции или на барање на клиентот врз основа на постоечка приказна од ТВ спот, да ја продолжиме кампањата на онлајн медиумите.

Нашата задача е да креираме што е можно поголема информираност на публиката за кампањата, да креираме дополнителна содржина што може да биде во форма на дизајни, фотографии, видеа, ПР објави, банери и останати формати на рекламирање, соработка со влијателни личности, и она што е најважно во онлајн комуникацијата да успееме да вклучиме што е можно повеќе публика во директна комуникација со брендот (engagement).

Последен таков пример е новогодишната кампања на клиентот ВИП со слоган Нека трепка, каде АТЛ сегментот беше сработен во друга агенција, а ние добивме задача да ја продолжиме комуникацијата на социјалните медиуми со одредени насоки зададени од страна на клиентот.

Концептот што го предложивме беа три куси видеа направени како влог, во кои ги повикуваме корисниците да ни испраќаат видеа на тема „нека трепка“, а за најдобрите имаше предвидено награди.

Резултатие беа фантастични, добивме повеќе од 1.000 одлични видеа од корисници, што беше и крајната цел на активацијата, поточно да креираме „engagement“ со корисниците на ВИП.

Колкав тим брои агенцијата, за што сè се обучени вашите колеги?

Во моментов сме десет колеги и како тим сме обучени да понудиме добра стратегија, концепт и егзекуција на маркетинг активности за нашите клиенти. Ние сме тим на луѓе кои позади себе имаме различни професионални искуства, но сите заедно нѐ поврзува желбата да бидеме во оваа професија.

Профилите на колегите се така одбрани да може да ги покриваме сите сегменти од нашите услуги.

Со Ива Дујак сме заедно од првиот ден во „Brand Union“, таа во меѓувреме таа стана Доктор по економски науки, отсек маркетинг, а во агенцијата е Менаџер за дигитални операции, што значи дека таа ги координира и управува сите интерни процеси, а работи со клиентите на разработка на стратегии и креативни кампањи.

Оливер Новески, кој е Магистер по економски науки, отсек маркетинг, ни се приклучи многу брзо по основањето, и од самите почетоци работи на менаџирање клиенти, но е специјализиран за поставување и оптимизација на реклами на „Фејсбук“, „Гугл“, „Инстаграм“ и на останатите платформи за рекламирање.

Во принцип сите колеги покрај основната обврска за менаџирање на клиенти, имаат знаење и професионалност во уште некоја дополнителна област, па така имаме колега кој има искуство во видео продукција, колеги на кои пасија им е фотографија, имаме графички дизајнери кои се неопходни во нашата работа.

На какви кампањи и проекти работите во моментов?

- Јануари е обично тивок период за јавноста, но во агенциите секогаш се подготвува нешто за следниот период, за кое не сум во можност сега да зборувам. Дел од проектите и кампањите што ги изработивме во последните месеци од 2017 година се осмислување и организација на предновогодишни активности на Плоштад Македонија во соработка со Конгресен Центар и Град Скопје, потоа гореспоменатата новогодишна кампања за Вип, како и кампањите The Lashko Way и Vip Cycling.

The Lashko Way, ни ја претставува приказната на „Lashko човекот“ кој ни дозволува да погледнеме мал дел од неговото секојдневие. Кампањата се состоеше од три видеа преку кои ги прикажавме квалитетот, традицијата и вкусот на брендот.

Во кампањата за „Vip Cycling Team“ дел од вработените на Vip нè прошетаа низ убавините на земјава и го покажаа својот авантуристички дух. Кампањата се состоеше исто така од три видеа, со кои се покажа заедништвото и борбеноста, како главни карактеристики на компанијата.

Целта беше да се покаже дека компанијата целосно застанува зад велосипедизмот како спорт, но и дека ги поттикнува и охрабрува вработените почесто да го користат велосипедот како превозно средство.

Економист сте по вокација, а неодамна магистриравте во Белград. Сега сте извршен магистер по деловна администрација. Што значи тоа?

- Неодамна завршив Executive MBA на Cotrugli Business School, регионална школа која има свои канцеларии во Белград и во Загреб и брои студенти од целиот поранешен Ју-регион, но и од Романија, Бугарија, Австрија, Унгарија.

Програмата траеше 2 години, поминав низ 17 модули и испити кои ги опфатија сите аспекти на менаџмент и лидерство, и од аспект на теоретски и практични знаења како финансии, човечки ресурски, макроекономија, сметководство..., но и од аспект на т.н. soft skills како личен развој, лидерство и мотивација.

Во моментов ми е жал што заврши целото ова патување, бидејќи беше неверојатно искуство, запознав прекрасни луѓе од регионот со кои ја продолжувам комуникацијата, но истовремено сум горда на завршениот мастер бидејќи не станува збор само за добиена диплома, туку за добиено знаење и зголемена професионална самодоверба.

Aктивно работам на подготовка на часовите и канализирање на целото знаење во ограничен број на часови, во разработка на материјали и примери што ќе ги користам за време на часовите, па немам многу време да размислувам како ќе се снајдам

На покана на „Американ колеџ“ наскоро почнувате да професорувате по предметот Интернет маркетинг и дигитални комуникации. Едно е практицирање на маркетингот, друго е теоретизирање на оваа тема. Имате ли трема, како би се снаоѓале во оваа улога?

- Поканата од „Американ Колеџ“ да бидам професор по предметот Интернет маркетинг и дигитални комуникации ја примив со огромно задоволство, страв и страст, бидејќи отсекогаш сум сакала нови предизвици кои можеби ќе ми отворат нови врати.

Трема немам, бидејќи активно работам на подготовка на часовите и канализирање на целото знаење во ограничен број на часови, во разработка на материјали и примери што ќе ги користам за време на часовите, па немам многу време да размислувам како ќе се снајдам. Сосема нова работна позиција, повторно ќе кажам е голем предизвик, бидејќи станува збор за трета година студенти на факултет, специфична возраст на која не е лесно да се задржи вниманието.

Не сум човек кој однапред ги зборува работите, па ќе кажам „ајде да направиме уште едно интервју на почетокот на летото“, па од таа дистанца и со фидбек од студентите да кажам како сум се снашла.

Ќе Ве вратам во рикверц. Вашето прво искуство со маркетинг агенција беше во „Идеа Плус“, како офис менаџер. Во истата улога подоцна направивте транфер во агенцијата „Имиџ ПР“. Што Ве научија овие први искуства, како се работеше во тоа време, како денес? Постои ли драстична разлика во маркетингувањето?

- Веднаш по дипломирањето на отсек Финансов сметководствен менаџмент се вработив како офис-менаџер во „Идеа Плус“, каде што покрај редовните обврски како офис менаџер, имав можност да работам со Иво Лауренчиќ на проектите како „Кутрите мали хрчки“, „Говорете македонски“...

Драстични разлики постојат пред сѐ во маркетинг тактиките и алатките што се користат, но во основа маркетингот и тогаш и денес ја има истата цел, а тоа е градење бренд, креирање содржина и комуникација со потрошувачи

Во „Имиџ ПР“, пак, сум првиот вработен покрај сопствениците и во тој период имав можност да ги добијам основните познавања за ПР. Јас тогаш не работев директно на маркетинг проекти, но имав одлична можност да учам од поискусните колеги.

Драстични разлики постојат пред сѐ во маркетинг тактиките и алатките што се користат, но во основа маркетингот и тогаш и денес ја има истата цел, а тоа е градење бренд, креирање содржина и комуникација со потрошувачи. Па така, искуството од тогаш до денес, само се надоградува, начинот на размислување е тој, целите кои треба да се постигнат со одредена кампања се слични и сега и пред 15 години.

Работевте и во секторот маркетинг во, тогаш новоформираниот мобилен оператор, Космофон. Велите ова е најубавото професионално поминато време, богатство од искуство...

- Во Космофон (потоа Оне) бев вработена осум години и имав можност да работам на повеќе различни позиции, со различни обврски, а сето тоа да ми помогне да го доусовршам своето знаење во различни сегменти од маркетингот.

Во овој период работев на спонзорства и активности поврзани со спонзорствата на „Космофон“, организација на промотивни настани и активности, бев вклучена во целосниот процес на спроведување и анализа на маркетинг истражување на пазарот, како и поддршка на колегите при развивање на АТЛ кампањи.

Имав можност да работам и во Одделот за развој на продукти, каде што, пак, маркетинг знаењето со новостекнатото искуство како се размислува, пресметува кога се креира еден нов тарифен модел или пак промоција, ми даде едно целосно заокружување на целосната маркетинг стратегија што една компанија треба да ја има.

Овој период е посебен и не само од аспект на стекнатото искуство, туку и од аспект што имав можност да бидам дел од прекрасен тим, да научам што значи тимска работа во вистинска смисла на зборот.

Работевме посветено и напорно, но сето тоа беше со супер енергија и ентузијазам, си бевме поддршка еден на друг, се надополнувавме, и се разбира тоа се колеги кои ми се останати како блиски и драги пријатели, со кои до ден денес комуницирам.

Денес сте мајка, сопруга и паралено менаџирате со одговорна функција на своето работно место. Се стигнува ли сè Ира?

- Изгледа дека е премногу, но се постигнува со добра организација и со одличен тим околу себе. Доколку би требало да правам сѐ сама, се разбира дека ништо не би постигнувала. Но, големо растоварување е тимот на „Brand Union“, кој е професионален и посветен на работата, што мене ми дава за право да можам да се потпрам на нив и да верувам дека клиентите ќе ја добијат најдобрата услуга.

Уште поголема помош ни се најблиските во семејството, кои без резервно се секогаш тука да помогнат околу семејните обврски. И јас и сопругот имаме поприлично активен и динамичен живот со многу обврски, па сето тоа бара доста координација и организација на секојдневието.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме