Admen

ИРЕНА ДАВИТКОВА МИТЕВА, ПРОДУЦЕНТ-МЕНАЏЕР, DIVISION: Адреналинот е горивото во мојата професија

08 фев 2018


Ирена Давиткова Митева е дипломец на Факултетот за драмски уметности на одделот продукција. Нејзините првични искуства беа врзани со сериозни филмски и театарски проекти што за неа беа отскочна штица за самоуверено да се втурне во маркетинг индустријата. Зад неа се веќе 15 изодени години во скопски маркетинг агенции и сериозно професионално искуство.

Пишува: Ивана Тасев
Фото: Приватна архива

Годинава заокружувате 15 години како професионално се занимавате со продукција во сферата на маркетингот. Како ви се чинат сите поминати години, кога ќе се свртите наназад?

- Петнаесет години поминаа со молскавична брзина, сo планини стекнати искуства, со голема динамика во работењето и огромна поддршка од дома. Продукцијата е жив организам кој бара пред сè професионалност, посветеност и трпение.

Понекогаш е комплексен змеј, комплицирано сценарио за видео или водење снимачка екипа од 200 луѓе за кои треба големо внимание, организираност, координираност меѓу секторите режија, организација, камера, сценографија, костим...

Но како и секој змеј се храни со позитивна енергија за да функционира професионално и пред сè креативно, а резултатот при таков процес на работа е редовно квалитетен и успешен.

Поминавте 12 години во маркетинг агенцијата „New Moment“ во секторот продукција. Изодевте долг пат. Што прво ви паѓа на ум кога ќе го вратите филмот?

- Бескрајно сум му благодарна на Филип Унковски (тогашниот креативен директор) кој ме убеди да се вработам во „New Moment“ откако му помогнав организациски да сработи неколку кретативни решенија за учество на фестивал, во кус рок и минимален буџет.

Во голем дел од проектите бев кастинг директор, локациски менаџер, организатор, пронаоѓач на сè и сешто, изнаоѓав секакви профили на соработници и сè што беше потребно нашиот продукциски тим да сработи за една идеја да се преточи во конкретно креативно решение

По успешно завршената работа добив понуда да бидам дел од креативниот тим во „New Moment“ која ја прифатив и така официјално влегов во возбудливиот свет на адвертајзингот и тоа во најдобрата маркетинг агенција, каде учев од најдобрите професионалци и креативци во државава.

Со зголемување на обемот работа се формираше посебен тим за продукција кој ја опслужуваше агенцијата со менаџирање БТЛ (Below the line) активности, организирање промоции и настани, фото сесии, продукција на промотивни видеа, документарци и секако највозбудливото, продукција на ТВ реклами. Во голем дел од проектите бев кастинг директор, локациски менаџер, организатор, пронаоѓач на сè и сешто, изнаоѓав секакви профили на соработници и сè што беше потребно нашиот продукциски тим да сработи за една идеја да се преточи во конкретно креативно решение.

Беа тоа времиња со многу интересни проекти, кои редовно вродуваа со успешни кампањи, награди по фестивали, дружења со регионалните „Њу Момент“ агенции на Охридеа (Интерен регионален фестивал на „Њу Момент“ агенциите). Убави спомени.

На какви проекти го усовршувавте занаетот во оваа агенција? На кои од нив сте особено горда дека добро сте ги сработиле?

- Работата во агенција е тимска и затоа ќе одвојам неколку проекти што ние како тим продукција успешно „инхаус“ ги сработивме. Сработивме огромен број проекти, настани, герила или њу медиа, инсталации, вирални видеа, документарци, промоции со глисери и со моторни санки, падобранци и сè што може да се замисли што е несекојдневно, забавно и креативно,  тоа што најчесно бараат клинетите.

Хронолошки гледано, „launching“ рекламите за Космофон се најголемата копродукција на реклами на која сум работела и сум посебно горда. Беше тоа грчко - македонска копродукција со режисер од Шпанија и кинематографер од Данска.

Пет снимачки денови во Скопје и Битола и екипа до 250 луѓе дневно. Со добар дел од тогашните локални соработници сè уште соработувам и по 14 години.

Тимски сработивме повеќе големи настани меѓу кои ќе издвојам еден за „Тојота“ за чија цел сите сали во  „Александар палас“ беа закупени цела недела за подготовки. Километар банкина и сообраќајни знаци монтирани на пешашката патека ги водеа гостите директно од паркингот до сцената во најголемата сала, каде акробатско сценско шоу ги забавуваше гостите до откривањето на новиот „Авенсис“.

Тоа беа времиња на големи буџети за настани кои одамна ги нема во овој бизнис. Од посвежите проекти ќе ја издвојам рекламата за Охридско езеро – дел од серијалот реклами „Македонија вечна“ како и рекламата со детето Алберт Ајнштајн за кампањата религија во образованието, која на „Јутјуб“ има пола милион прегледи за осум години и сè уште се водат дискусии за неа.

Изминативе три години вработена сте во агенцијата „Division“. Велат дека е добро кога се менува атмосферата и тимот за работа, што вам ви беше пресудно?

- Промената што ја направив после 12 години, благодарение на Симона Константиновиќ која ме покани во тимот на „Division“,  навистина ме освежи и регенерира професионално. Динамиката на работа во која влетав пред три години во „Дивижн“ го разбуди немирниот дух во мене и со посебно задоволство уживав работејќи на сите досегашни проекти.

Верувам дека тимски успеавме за овие неколку години да поставиме продукциско ниво кое се трудиме со секој нов проект постојано да го креваме, а нашите клиенти да бидат задоволни.

Што е различно во работата во Division? Што е предноста поради која се одлучивте да станете дел од тимот?

- „Дивижн“ е пред сè помала агенција, но е компактен и комплементарен тим во кој секој има можности да придонесе за успешен проект и секој е третиран како подеднакво важна арка во целокупната приказна што тимски ја градиме.

Продукциската работа подразбира голема организација, планирање, екипирање, предвидување на потенцијални проблеми, конструктивно решавање конфликти, понекогаш и компромиси, но исклучиво високо професионална работа на добро избрифирана екипа, која реализира одредено креативно решение ТВ спот, принт, настан

Учествувам во с'ржта на создавањето на концептите за секоја кампања од првична идеја до финална продукција. Доста се инволвирав и во акаунтската работа, каде практично учам и стратешко планирање, како се создаваат, градат и подмладуват брендови. Сето ова заедно со мојата исполнетост со базична професија како продуцент е она што возбудува и ме држи во овој круг на убави луѓе.

Какви сè организациски сегменти обедува вашата работа?

- Мојата работа најчесто подразбира препознавање на вистинските соработници за одредени проекти. Практично покрај сите вработени ние имаме армија автори и професионални соработници кои се важни при реализирање кампањи за нашите клиенти.

Продукциската работа подразбира голема организација, планирање, екипирање, предвидување на потенцијални проблеми, конструктивно решавање конфликти, понекогаш и компромиси, но исклучиво високо професионална работа на добро избрифирана екипа, која реализира одредено креативно решение ТВ спот, принт, настан.

Кои проекти би ги издвоила за твоето тригодишно работење во „Дивижн“?

За релативно кратко време сработивме доста кампањи и прилично сме продуктивни. Лично би ги издвоила кампањата „Цевитана“ со суперхероите и „Цевитана бабл фудбал“ настаните, како и календарот за 60 години „Свет на вкусови“ на „Витаминка“, ТВ рекламите за бисквитите и тост лебовите на „Жито Лукс“ и последно актуелно што е хит, новиот производ во „Стоби Флипс“, семејстовото Стоби Флипс Магнус.

 

На кои проекти сте посветена во моментов?

- Во моментов работиме постпродукција на една голема реклама, паралелно продуцираме акциски реклами, а организираме БТЛ активности за неколку други клинети. Работиме прилично активно на полето на продукцијата и сум многу среќна поради тоа.

Завршивте продукција на Факултетот за драмски уметности. Пред да влезете во адвертајзингот имавте одлични искуства со работа на долгометражни и на кусометражни филмови. Кои?

- Веднаш по дипломирањето, работев на снимањето и постпродукцијата на филмот „Тајната Книга“ од Јордан Плевнеш во режија на Владе Цветановски за кој филм беше ангажиран кинематограферот на Лук Бесон (Luc Besson), Тијери Арбогаст (Thierry Arbogast).

Беше вистинско богатство да се биде дел од една таква екипа и неверојатно искуство за мене. Бев асистент на еден од најискрените филмски работници, продуценти, теренци, Ѓорѓи Ѓоргиевски-Џокер. Од него научив многу за нашата професија, да работам и по интуиција, но сепак вредно и пожртвувано, тимски и со позитивен дух.

Работа на филм е највозбудливата работа во мојата професија како продуцент. Од проекти поврзани со куси студентски филмови, ќе го издвојам искуството со Интернацоналниот Фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, каде ја започнав и организирав студентската програма и за која ми е драго дека до ден денешен постои и функционира и е одлична можност студентите филмаџии да ги прикажат на еден таков голем фестивал своите студентски и дипломски филмови рамо до рамо со своите колеги од регионот и пошироко.

Имавте среќа да соработувате и со извонредни театарски режисери како Слободан Унковски и Иван Поповски и да им асистирате на нивни театарски проекти. Што научивте од овие искуства?

- За време на студиите имав можност да работам како асистент во продукција на претставата „Поблиску“ од Патрик Марбер во режија на Слободан Унковски. Театарот е нежен и прагматичен медиум, од денешна перспектива, дури и терапевтски можеби делува во споредба со работата во адвертјзингот.

Вистинско богатство е да видите како педагошки работи еден врвен режисер со актерите, но и како верува и ја почитува целата екипа што работи на претставата. „Поблиску“ прерасна во најгледана претстава со години во Драмскиот театар.

По дипломирањето работев и на „Macedoine Одисеја 2001“, претстава на Иван Поповски за отворањето на Охридско лето и тоа беше сосема друго театарско искуство. Бев асистент во продукцијата, особено на Ангелина Атлагиќ од која многу научив за костимографија.

Телевизијата е сè помалку интересна, иако жилаво не се дава и сè уште држи цена. Сепак иднината се повеќе ја гледам во дигиталните и социјалните медиуми и креирање на квалитетна содржина за нив

Зад вас како продуцент се и неколку телевизиски проекти. Колку овие искуства ви беа предизвик?

- Во „Њу момент“ работев како извршен продуцент на неколку различни ТВ емисии од кои би го издвоила тв-проектот „Еврозум“ на кој работев четири сезони соработувајќи продукциски со „А1 телевизија“, „Алсат“ и „Сител“.

Телевизијата ми беше тогаш предизвик во периодот кога немаше премногу инхаус продукција на реклами. Од денешна перспектива можам да кажа, дека е сè помалку интересна, иако жилаво не се дава и сè уште држи цена. Сепак иднината се повеќе ја гледам во дигиталните и социјалните медиуми и креирање на квалитетна содржина за нив.

Како најсликовито би го опишале адреналинот на вашата професија?

- Адреналинот е горивото во мојата професија. Додека постои ќе ја работам оваа работа.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме