Admen

ЛАРИСА ХАЛИЛОВИЌ, DIGITAL CITIES: Младите ни се дигитално писмени, но им недостасува инфраструктура

27 апр 2018

Доволно време се зборуваше за стратегии, дојдено е време да се премине на конкретни акции за да се развие дигитална писменост и целосна дигитализација во регионот, смета Лариса Халиловиќ, програмска директорка на проектот Дигитални градови, како и директорка на Британскиот Совет во Босна и Херцеговина.

Во проектот фокусот е насочен кон дигитален развој на градовите од земјите на Западен Балкан, а по примерот на градовите во Велика Британија.

Халиловиќ беше говорник-гостин на Дигиталниот самит на Западен Балкан што се одржа во Скопје. Со неа разговаравме за процесите на дигитализација што се неопходни да се случат за и нашиот регион да фати чекор со дигиталниот развој што се случува во земјите на Европската Унија.

АТД: Го водите интернационалниот проект Дигитални градови. За каков проект се работи и кои се неговите придонеси за нашиот регион?

- Дигитални градови е пилот проект што својата прва фаза ја заврши во периодот од декември до средината на март, така што веќе имаме и прелиминарни резултати. Проектот ги поврзува градовите на Велика Британија и на Западен Балкан низ дигиталната индустрија.

Градовите од земјите на Западен Балкан, за жал, уште немаат дигитална стратегија и дигитална политика конкретно за развојот на дигиталната индустрија. Во Велика Британија, пак, тоа е веќе долгогодишна пракса

Што во основа значи тоа? Земавме три сегменти. Првиот сегмент е анализа, стратегија и развој на политики во контекст на дигиталната индустрија. Градовите од земјите на Западен Балкан, за жал, уште немаат дигитална стратегија и дигитална политика конкретно за развојот на дигиталната индустрија. Во Велика Британија, пак, тоа е веќе долгогодишна пракса.

Дојдовме до заклучок дека сега постои голема подготвеност, заинтересираност, потреба и мотивација кога се во прашање градовите на Западен Балкан, за тие стратегии да се покренат и да почнат да се имплементираат.

Така, овој проект, кога се политките во прашање, направи една голема работа. Ги собра претставниците на градовите од Западен Балкан и им даде прилика да разговараат меѓусебно, да се поврзат едни со други, да ги идентификуваат приоритетите. Но, исто така, и да слушнат како изгледа праксата во Велика Британија. Има многу работи што градовите од Западен Балкан можат да ги научат од британското искуство.

Вториот сегмент, пак, е поврзување на самите претставници од индустријата, од дигиталниот бизнис. Тоа е област што е исклучително битна кога станува збор за развој на дигиталната индустрија генерално.

Сакавме, од една страна, да видиме како можеме да им помогнеме на претставниците од градовите на Западен Балкан да ги развијат своите вештини. Од друга страна, пак, гледаме како да ги поврземе на добар начин преку практични проекти што би ги работеле заеднички со претставниците на индустријата од Велика Британија.

Така проектот опфати три важни теми. Едната е политика и стратегија на градовите, а втората е поврзување на бизнисите, на ниво на Западен Балкан и на интернационално ниво со Велика Британија. Третата, пак, е развој на вештините и капацитетите на професионалците од оваа индустрија.

АТД: Кога велите политика за дигитализација, што значи тоа во пракса? Што е неопходно да направи овдешниот регион за да може да се каже дека станал „дигитално општество“?

На Западен Балкан треба прво да се дефинира што е тоа што претставува креативна индустрија и креативна економија што ја опфаќа и дигиталната индустрија. Потоа, исклучитено е важно да се мапира таа индустрија

- Тоа што е исклучително важно е прво да се идентификуваат приоритетите. Имавме среќа што низ самиот овој проект претставниците од градовите (22 града од Западен Балкан и 19 од Велика Британија) заклучија дека на Западен Балкан треба прво да се дефинира што е тоа што претставува креативна индустрија и креативна економија што ја опфаќа и дигиталната индустрија. Потоа, исклучитено е важно да се мапира таа индустрија.

Во Велика Британија во текот 2016 година креативната индустрија растела многу побрзо од која било друга бранша. Притоа дигиталната индустрија имала најголем финансиски придонес кога е во прашање трговијата.

Меѓутоа, за Западен Балкан ние немаме такви прецизни и сеопфатни информации, бидејќи нема постоечка мапа што го дефинира бизнисот.

Третиот приоритет, пак, што претставниците од градовите на Западен Балкан го идентификуваа, е неопходноста од поврзување со образовниот сектор и со самиот бизнис. Потребно е формирање тело што би се занимавало со заедничко креирање на овие стратегии и политики.

Искуството од Велика Британија покажува дека е потребно тие три сегменти да работат заедно и да дојде до формирање јавно-приватни партнерства. На тој начин сите заеднички можеме да придонесеме кон развој на услугите за граѓаните. Тоа е всушност и последната област кога самите градови се во прашање.

Претставниците од градовите на Западен Балкан идентификуваа дека постои цела низа услуги за граѓаните што треба да бидат дигитални. Тоа што ќе биде особено важно е да се договори кои се приоритетите во секој од градовите, а на кои ќе треба што поскоро да се почне со работа.

Така, еден од најосновните примери за дигитализација, е можноста овдешните граѓани самите, онлајн да вадат извод од матичната книга на родените.

АТД: Но, како да се поттикне бизнис секторот да земе активно учество во процесот на дигитализација на јавните услуги?

- Тоа што го увидовме од досегашното работење е дека интересот постои од сите страни.

Процесите на набавки се исклучително комплексни во секој од градовите. Интерес на секој од бизнисите е да најде можност да учествува во тој процес и да им нуди услуги на градовите. Кој подобро може да ги дава таквите услуги, освен локалните бизниси кои можат да функционираат на сите нивоа во Западен Балкан.

Секако, секој град, односно секоја држава ќе донесе одлука на кој начин, формално ќе ги оспособи телата за да отпочне дискусијата. Како пример, во Сараево направија прво јавна дискусија на таа тема, каде што беа поканети претставници од образовните институции, од бизнисот, од власта, како и од пошироката јавност.

Достапноста до дигитални услуги нè засега сите нас, ем од аспект на бизнис, ем од аспект на квалитет на животот.

АТД: Каде се граѓаните во овој процес на креирање дигитални политики. Колку се тие подготвени за новитетите што ги носи дигитализацијата?

-  Морам да признаам дека со самиот проект не одевме во насока на такви испитувања. Јасно е дека за еден граѓанин е исклучително битно да има увид, кога ќе направи некоја уплата, на пример, да знае каде се наоѓа таа уплата, да има онлајн информации. Во поголем дел од градовите на Западен Балкан тоа сè уште не е застапено.

Повеќето од нас веќе користат онјан-банкарство и слично, меѓутоа, колку луѓето се свесни колку е сè возможно, мислам дека е нешто на коешто ќе мораме сите заеднички да работиме.

Тие што се веќе дигитално писмени се новите генерации кои редовно користат мобилни уреди. Но, исто така, мораме да ја имаме во предвид генерацијата што веќе старее, како и популацијата што можеби уште не е свесна за придонесите што може да се добијат од дигитализацијата.

АТД: Сепак впечатокот е дека кај граѓаните сè уште постои недоверба или страв кон дигиталните плаќања, па првенствено избираат да одат на шалтер, наместо од дома да завршат административни работи.

- Таква е ситуацијата со сите промени, а особено кога станува збор за користење на дигиталните услуги. Луѓето пристапуваат со одреден степен на скептичност и внимателност.

Мораме да бидеме свесни дека трендот на дигитализацијата во светски рамки е актуелен веќе подолг период и веќе има искуство врз основа на кое можат да се направат соодветни подготовки за луѓето

Но, мораме да бидеме свесни дека трендот на дигитализацијата во светски рамки е актуелен веќе подолг период и веќе има искуство врз основа на кое можат да се направат соодветни подготовки за луѓето постепено да се обучат за бенефитот што можат да го имаат од дигитализацијата.

Еднаш или двапати, кога ќе ги извадите документите онлајн и ќе сфатите дека нема потреба да одите на три различни шалтери и да потрошите и време и пари, тогаш многу бргу ви станува јасно зошто дигитализацијата е неопходна.

АТД: Но, што е со заштитата на личните податоци од злоупотреби за кои веќе е јасно дека се случуваат?

- Да, темата за безбедноста на податоците е широко застапена. Но, кога е во прашање работењето со градот и со градската управа, со оглед дека се работи за исклучително доверливи податоци, голема е одговорноста на секоја од државите за сериозно да пристапи кон обезбедување на податоците.

Но, мислам дека тие механизми веќе постојат. Како во Европската Унија, така и секоја од државите е посветена на тоа да обезбеди висок степен на заштита на податоците.

Сепак овде не се работи за обични социјални мрежи. Ние овде зборуваме за сериозни услуги за граѓаните и сигурна сум дека секој од градовите и секоја од земјите на Западен Балкан најсериозно ќе пристапи кон самозаштита на податоците

Сепак овде не се работи за обични социјални мрежи. Ние овде зборуваме за сериозни услуги за граѓаните и сигурна сум дека секој од градовите и секоја од земјите на Западен Балкан најсериозно ќе пристапи кон самозаштита на податоците.

Во исто време и бизнисите ќе научат, низ сетоа тоа искуство, преку искуството на развиените земји, како да се дава одредена услуга, а притоа да се заштитат податоците.

АТД: Дигитализацијата редовно се поистоветува и со младите генерации. Постои ли некаква разлика меѓу младите од Велика Британија и од земјите на Западен Балкан, кога станува збор за дигиталната писменост?

- Тоа што стана сосема очигледно преку проектот „Дигитални градови“ е дека младите од Западен Балкан имаат неверојатен талент, вештина, подготвеност, писменост и способности за развој преку дигитализацијата, а во некои сегменти можеби и подобро отколку во Велика Британија.

Тука можеби не постојат доволно можности, нема доволно инфраструктура. Но, кога се во прашање талентот, техничките вештини и генерално, стручноста на кадрите, Западниот Балкан, како што успеавме да видиме од овој проект, воопшто не каска зад Западот

Тука можеби не постојат доволно можности, нема доволно инфраструктура. Но, кога се во прашање талентот, техничките вештини и генерално, стручноста на кадрите, Западниот Балкан, како што успеавме да видиме од овој проект, воопшто не каска зад Западот и ако не е подобар, не е ни полош од професионалната дигитална индустрија во Велика Британија.

Повторно велам, приликите и инфраструктурата овде сè уште се ограничени. Но, во оној миг кога ќе се создадат соодветни услови, младите луѓе од Западен Балкан навистина ќе можат на еднакво ниво да соработуваат со своите еквливаленти ширум светот.

АТД: На Дигиталниот самит стана збор за спуштање на роамингот и за земјите на Западен Балкан, поволност што веќе важи за жителите на земјите во ЕУ. Верувате ли дека тоа наскоро ќе стане реалност и за нашите простори?

- Не гледам причина за тоа да не се реализира и кај нас. Не гледам воопшто простор за еден конкретен пазар, како што е Западен Балкан, да биде исклучен од праксата на Европската Унија, кон која сите се стремиме.

Исто така мораме да имаме во предвид дека Западен Балкан сè уште има проблеми од друг вид, кога е во прашање мобилноста. Тоа не е само поврзаноста, туку и мобилноста, бидејќи уште го имаме режимот на визите

Но, исто така мораме да имаме во предвид дека Западен Балкан сè уште има проблеми од друг вид, кога е во прашање мобилноста. Тоа не е само поврзаноста, туку и мобилноста, бидејќи уште го имаме режимот на визите. Истото го имаме и овде. Односите меѓу, да речеме, Косово и БиХ сè уште не се решени. Од политички причини луѓето имаат ограничено движење.

Тоа што нам ни беше исклучително јасно, преку овој специфичен проект е дека е клучно за младите луѓе што работат во дигиталната индустрија да бидат поврзани. Така, и роамингот и физичката поврзаност, можноста за посетување и заедничка работа на проектите, е иднината што нив може да ги позиционира како субјекти што ќе нудат услуги на глобално ниво, а не само за мал пазар каде што се наоѓаат.

АТД: Очекувањата после Самитот се големи. Какви се вашите очекувања, што конкретно би се случувало во нашиот регион на полето на дигитализацијата?

- Значајно е тоа што Самитот испрати силна порака со која се укажува дека дигиталната индустрија како тема е исклучително битна. До сега немавме ситуација во која јавно се нагласува значењето на дигиталната индустрија. Тоа сега го имаме.

На едно место се луѓе од државниот врв, како и луѓе што оперативно се занимаваат со тој сегмент, луѓе од индустријата, од образовниот сектор, влијателни луѓе од невладини организации.

До сега зборувавме за стратегии, а сега е време да ги креираме. Исто така, кога е во прашање соработка меѓу бизнисите, до сега идентификувавме дека постои потреба, а сега е време да ги поттикнеме бизнисите во регионот за што повеќе да соработуваат едни со други и со целиот свет

Пораката што се испраќа јасно укажува дека заеднички, и локално и регионално и глобално, треба да работиме за оваа тема. Но, не само да се зборува за неа, туку и да почнеме да работиме на нејзина реализација. И да се преземат сериозни чекори што ќе водат кон промени.

До сега зборувавме за стратегии, а сега е време да ги креираме. Исто така, кога е во прашање соработка меѓу бизнисите, до сега идентификувавме дека постои потреба, а сега е време да ги поттикнеме бизнисите во регионот за што повеќе да соработуваат едни со други и со целиот свет.

Самитот, притоа е првиот чекор со кој од зборување, преминуваме на конкретни акции. И на крајот на краиштата, да се обезбедат средства за реализација на стратегиите за дигитализацијата.

(Текст и фото: Тоше Огњанов/AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме