Admen

ВЛАДИМИР РИСТЕВСКИ, PIKSEL: Многу веб-страници во земјава се направени набрзина и без концепт

03 мај 2018

Интернет страници што се убави на изглед, но се нефункционални, со лоша навигација и слабо оптимизирани за интернет пребарувачите, се забележуваат кај некои од фирмите на македонскиот пазар, смета Владимир Ристевски, од агенцијата „Пиксел“, чиј фокус на работа е развој на веб и дигитални решенија.

Ристевски во „Пиксел“ е на позиција маркетинг директор, а повеќе од 13 години се занимава и со толкување и превод. Автор е и на романот „Исповеди на еден психотичен ум“.

Со Ристевски разговаравме за веб-решенијата што ги имаат или сакаат да ги имаат компаниите на нашиот пазар, за насоките кон кои се развива дигиталниот маркетинг во земјава, за улогата на социјалните мрежи во привлекувањето потрошувачи, како и за прашања поврзани со заштита на личните податоци на корисниците.

АТД: Што ви покажало досегашното искуство, колку домашните компании, фирми, организации се подготвени за похрабри дизајнерски и функционални решенија за нивните веб-страници? Или, преферираат веќе видени „проверени“ решенија?

- Oчигледно сè е до перцепцијата – што гледам тоа и сакам. Искуството што го имавме на почетокот покажуваше дека секој сака проверено решение, без многу да експериментира.

Некако кај нас сè се прави без концепт, набрзина. Ако веб страницата изгледа убаво, ѝ фали оној момент на корисничко искуство, добра навигација, прецизност и концизност во пренесувањето на информациите, односно работи што се клучни за да може корисникот да се снајде и да „купи” нешто

Тоа нè натера да смислиме целосно различен концепт кога ја редизајниравме нашата страница (piksel.mk) за да можеме да им покажеме на клиентите дека е во ред да бидат малку похрабри. Денес добиваме коментари, „сакаме добра веб страница, како вашата“.

АТД: Кои се недостатоците што најчесто ги забележувате во постоечките интернет страници што ги имаат домашните фирми?

- Некако кај нас сè се прави без концепт, набрзина. Ако веб страницата изгледа убаво, ѝ фали оној момент на корисничко искуство, добра навигација, прецизност и концизност во пренесувањето на информациите, односно работи што се клучни за да може корисникот да се снајде и да „купи” нешто.

Маркетинг за веб страници секогаш бил комплексен поим за домашните компании, бидејќи не секогаш ја разбирале потребата за оптимизација за пребарувачи (SEO).

Од друга страна пак, имате веб страници кои се ужас на изглед, но се функционални и практични и компаниите не сакаат да ги менуваат, без разлика на фактот што веб страницата го остава првиот впечаток кај секој корисник кога тој открива некој нов бизнис.

АТД: Дигиталниот маркетинг е веќе неодминлива услуга што треба да ја нуди секоја агенција што се занимава со таа дејност. Гледано од вашето искуство, колку домашните огласувачи (фирмите) ја гледаат можноста што им ја нудат дигиталните платформи за рекламирање?

- Ова беше едно од најтешките прашања со кое се занимаваме во последните пет години од нашето постоење на пазарот – како да објасниш нешто што изгледа толку неопипливо за фирми кои немаат веб страница со онлајн плаќање? Одговорот е дека мора да се работи на едукација на клиентите.

Еден од начините е да се долови целосна слика со тоа што им се дава на фирмите еден краток пресек на целиот еко систем кој функционира онлајн, бенефитите што ги имале другите бизниси кога ќе развијат целосна маркетинг стратегија и што сè треба да се направи за да се функционира успешно.

Откако ќе им се отворат очите веќе се доаѓа до фаза на еуфорија поради успешноста на кампањите и многу бргу дигиталните канали стануваат носечки канали на комуникација.

АТД: „Гугл“, „Фејсбук“ или „Инстаграм“, која од овие три платформи во мигов се смета за најисплатлива и најефикасна за поставување огласи? Зошто?

- Сè зависи од тоа што рекламирате. Ако станува збор за свесност за брендот, тогаш дефинитивно „Фејсбук”, па „Инстаграм”, па на крај „Гугл” со платформата „Адвордс”, но доколку имате веб страница каде што нешто продавате, или нудите некоја услуга, тогаш е сосема обратно.

Како и да е, мала е разликата во однос на исплатливост, а многу поважно е како ги користите тие платформи. На дигиталните адвертајзинг канали, најбитно е да се има добра содржина во добар контекст и да се прават тестови на што функционира најдобро преку обиди и грешки. Некогаш ќе ја погодите содржината, ама ќе ја утнете целната група, па мора да менувате во од, инаку резултатите ќе бидат незабележителни.

АТД: Какво е вашето искуство после скандалот со корисничките податоци од „Фејсбук“? Дали кај нас нешто се промени или овдешните фирми воопшто не се чувствуваат погодени од случајот?

- Најпогодени, дефинитивно, беа оние страници на „Фејсбук“ кои претставуваа канал за сообраќај кон портали преку таканаречени „клик-бејт” статии.

Од аспект на бизнис страниците на компаниите во Македонија, многумина се соочија со проблемот на губење на објави преку ноќ без некоја посебна причина што е прилично несвојствено за „Фејсбук“, бидејќи порано праксата кажуваше дека ако имате проблематична објава која е против правилата на оваа мрежа, истата ќе биде отстранета, но добивате известување за тоа.

За среќа, „Фејсбук“ во меѓувреме има вложено во техничка поддршка, па можете лесно да ги контактирате доколку имате проблем од која било природа.

АТД: Безбедноста на личните податоци стана едно од главните прашања во дигиталниот простор. Колку тоа претставува проблем, односно предизвик за агенциите што нудат изработка и на веб-решенија?

- Ова е дефинитивно нешто што треба многу сериозно да се земе предвид во иднина, а бара секоја компанија што ќе изработува веб решенија добро да го има проучено и локалниот закон, а особено и новата Регулатива за заштита на лични податоци (GDPR), бидејќи ќе постојат строги правила за чување и обработка на секаков вид на лични податоци од корисниците.

Секоја веб страница ќе треба точно, прецизно и концизно да му даде до знаење на корисникот кои негови податоци ќе ги чува и обработува, и да побара од него изречна согласност за тоа

Тоа значи дека секоја веб страница ќе треба точно, прецизно и концизно да му даде до знаење на корисникот кои негови податоци ќе ги чува и обработува, и да побара од него изречна согласност за тоа. Веб страницата во таков случај ќе одговара и за безбедноста, што повлекува дополнителни мерки на безбедност, знаење и ресурси против напади од хакери и/или штетен софтвер.

АТД: Присуствувате на Дигиталниот самит за Западен Балкан. Кои се вашите очекувања, кој дел од тоа што беше таму зборувано би било од голема помош за развој на огласувачката дејност кај нас?

- Лично, не бев нешто импресиониран од темите кои се обработија на Самитот, ниту пак од начинот на кој беше конципиран истиот, но имајќи предвид дека сепак беше на некој начин политички настан, нормално беше да има поригидна структура и да има повеќе панели и дискусии од оние кои креираат политики наспроти стручњаците од приватниот сектор.

Законодавците треба сè повеќе и повеќе во иднина да организираат локални трибини и форуми каде активно ќе ги вклучат сите засегнати страни од приватниот сектор и ќе научат нешто повеќе пред да истрчаат и да ископираат некој закон од странство во интерес на про форма реформи

Сметам дека законодавците треба сè повеќе и повеќе во иднина да организираат локални трибини и форуми каде активно ќе ги вклучат сите засегнати страни од приватниот сектор и ќе научат нешто повеќе пред да истрчаат и да ископираат некој закон од странство во интерес на про форма реформи. Доста важно прашање е и присуството на обуки за дигитален маркетинг од страна на државните службеници, бидејќи социјалните мрежи се иднината на брза и непречена комуникација за нивните служби.

АТД: Лично се занимавате со пишување, а работите и превод и толкување. Што би им пренеле на помладите што сакаат да се занимаваат со оваа дејност, какви предзнаења се најпрепорачливи за некој да се впушти во маркетингот и креативните комуникации?

- Прво нешто, претпоставувам, би било тоа да читаат што е можно повеќе и да научат, особено онлајн, да ги проверуваат информациите што ги добиваат. Толку многу лажни, непроверени и сомнителни информации има на интернет што ако не знаеш да процениш што е точна и квалитетна информација, паѓаш на првиот предизвик.

Треба да избегнуваат клишеа и секогаш треба да размислуваат и како корисници, особено на социјалните мрежи каде што неретко традиционалните агенции користат исти креативи и комуникација онлајн како за офлајн каналите и најчесто ефектот е незначителен

Второ, мораш секогаш да имаат мрежа од луѓе со кои ќе се консултираат кога за нешто не се сигурни, бидејќи не е само да си креативен, туку мораш и да размислуваш неколку чекори нанапред, а секако и најважно, да си ја знаеш публиката.

Трето, треба да бидат отворени за критика и да бараат мислење од заедницата, а тоа барем денес со социјалните мрежи е лесно, што не значи дека треба и да трпат и неподдржани коментари од интернет тролови, кои немаат попаметна работа и те чекаат да наседнеш на провокација.

И за крај, треба да избегнуваат клишеа и секогаш треба да размислуваат и како корисници, особено на социјалните мрежи каде што неретко традиционалните агенции користат исти креативи и комуникација онлајн како за офлајн каналите и најчесто ефектот е незначителен. Секогаш треба да размислувате во духот на социјалните мрежи и да бидете креативни и оригинални во ваш уникатен стил.

(Текст и фото: Тоше Огњанов, AdToDate.мк)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме