Admen

МОЈЦА БРИШЧИК, „GOLDEN DRUM“: Фестивалите се огледало за состојбите во огласувачката индустрија

28 авг 2018

Лично верувам дека фестивалите го даваат одговорот на прашањето дали е некој добар, бидејќи, кога си со наградата во рака, тогаш сите знаат дека си!

Ова во интервју за „AdToDate.mk“ го вели Мојца Бришчик, претседателка на еден од најзначајните фестивали во нашиот регион од областа на огласувачката индустрија, познатиот „Голден драм“.

Фестивалот годинава слави јубилеј, 25 години постоење. Ќе се одржи од 17 до 19 октомври и тоа повторно во Порторож, на словенечкото крајбрежје на Јадранот. Организацијата е во рацете на Словенечката огласувачка комора, на чие чело е Бришчик.

АТД: Дваесет и пет години постоење на фестивалот „Голден драм“. Какво е чувството кога ќе погледнете кон сите тие изминати години и сите предизвици што морале да се премостат за „Голден драм“ да биде таму каде што е денес?

- Горда сум што ни успеа да го оживееме фестивалот. Луѓето едноставно го сакаат „Голден драм“ и затоа редовно му се враќаат, уживаат на предавањата, се дружат со предавачите, со жиријата и со нивните истомисленици.

Наградите што ги доделуваме, пак, во оваа струка, се исклучително значајни и престижни. Сето тоа ни дава дополнителна мотивација, да одиме напред, чекорејќи по цврсти темели, поставени од пред 25 години.

Со главните говорници се договараме цела година однапред или многу порано и тоа не ни е гаранција дека темата на којашто некој од нив ќе зборува ќе биде сè уште релевантна или доволно атрактивна за публиката

Во текот на сите тие години, во издигнувањето на фестивалот се вклучија голем број исклучителни луѓе. Секој од нив, на свој сопствен начин, придонесе да изградиме бренд, препознатлив на европско тло.

АТД: „Голден драм“ почна во време кога индустријата на креативните комуникации беше уште на својот зачеток и кога настани од ваков тип немаше во регионот. Што значи денес да се организира фестивал, во време кога маркетинг индустријата е многу поразвиена, но и кога конкуренцијата од други фестивали е многу поголема?

- Развојот на индустријата го гледаме како предизвик. Во денешни рамки е потребна голема креативност, па дури и среќа, уште при изборот на говорниците. Со главните говорници се договараме цела година однапред или многу порано и тоа не ни е гаранција дека темата на којашто некој од нив ќе зборува ќе биде сè уште релевантна или доволно атрактивна за публиката.

Кога станува збор за конкуренцијата, пак, постојаните промени се дел од потребите на пазарот. Постојано ги имплементираме, при што во предвид ги земаме сугестиите од уесниците и фестивалските пријатели.

Фестивалот се одѕива на импулсот од околината во којашто е сместен. Прашањето за тоа каква е иднината на фестивалите, пак, е тешко да се одговори. Тоа што се случува на фестивалот во Кан и на Евробест, е показател дека е потребно подеднакво да се вложи и лична енергија, но и поголеми финансиски средства за да се добијат истите резултати.

Лично верувам дека фестивалите го даваат одговорот на прашањето дали е некој добар, бидејќи, кога си со наградата во рака, тогаш сите знаат дека си!

Со сигурност, пак, може да се каже дека фестивалите се преглед, односно огледало за состојбите во нашата индустрија. Истовремено ги наградуваат идеите и ги следат промените што доаѓаат низ добрите проекти.

Лично верувам дека фестивалите го даваат одговорот на прашањето дали е некој добар, бидејќи, кога си со наградата во рака, тогаш сите знаат дека си!

АТД: Минатата година фестивалот се одржа во Љубљана, а годинава повторно го враќате во Порторож. Зошто е оваа промена?

- Да, точно, се враќаме назад во Порторож, првиот дом на „Голден драм“. Забот на времето си го стори своето врз хотелската инфраструктура на словенечкиот брег, па пред две години бевме приморани фестивалот да го преселиме во словенечката престолнина, во Љубљана. Од тогаш наваму многу работи се променија, вклучително и инфраструктурата, којашто се модернизира, па сега со голема радост се враќаме на море.

Дваесет и петгодишнината ќе ја одбележиме во хотелот „Словенија“,  чие име нè потсетува дека треба да сме горди што еден таков голем меѓународен фестивал се организира во држава со два милиона жители. Исто така, и тоа што Словенечката огласувачка комора, (во чија организација е „Голден драм“) ниту е профитна организација, ниту пак е фирма, уште толку го прави поголем нашиот успех.

Фестивалот се враќа на своите корени, на местото каде започна таа приказна. Доколку морето, со температури меѓу 17 и 19 степени, не ви е преладно, би можеле во текот на фестивалските денови храбро да „скокнете“ во вода или, пак, да уживате во погледот и да се дружите со колегите.

Секако, нема да недостасува и инспирацијата што ќе ја приредат говорниците. На тој начин со леснотија ќе се вклучите во натпреварот во кој се тркате за највисоките одличја.

АТД: Сите фестивали се обидуваат да дојдат до најдобри говорници. Каква е вашата стратегија, што е тоа што го правите за да добиете такви говорници, иако се знае дека тие се и солидно скапи?

- Подготовката на конгресната програма е долготраен процес. Кога „Голден драм“ прерасна од фестивал за огласувачи во фестивал на креативноста, вратите ги отворивме уште пошироко за говорници од различни ветришта.

И во изминатите години посакувавме да имаме говорници и теми што се надвор од огласувачката индустрија. Така, меѓу другите, на фестивалот во овие 25 години гости ни беа и познатиот словенечки филозоф, Славој Жижек, како и чешкиот економист Томаж Седлачек.

Покрај стручните говорници од огласувачкиот свет, меѓу другите, ќе поздравиме и еден културен антрополог и една жена професионалец за семиотика

Со стремеж да постигнеме поголема креативност и да ја воодушевиме публиката на јубилејното 25. издание, уште повеќе гледаме зад границите на огласувачката индустрија. Така, покрај стручните говорници од огласувачкиот свет, меѓу другите, ќе поздравиме и еден културен антрополог и една жена професионалец за семиотика.

Веруваме дека сретнувањето на различни светови е тоа што нас нè инспирира и нè збогатува како стручњаци во нашата област. Нè радува што говорниците го препознаваат потенцијалот што го нуди „Голден драм“, па секоја година сè поголем број од нив сами ни се обраќаат со различни предлози и идеи за соработка.

 

Секако, креирањето на конгресната програма е континуиран процес што почнува многу порано пред да ги најавиме првите говорници и подразбира голем степен на љубопитност и отвореност. Фестивалот повеќе не е место каде се случува „агенциски состанок“, туку од година во година сè поголем е бројот на делегати и од страната на огласувачите/клиентите.

Годинашната програма сигурно ќе ги инспирира присутните. Во Порторож доаѓа Barry Wacksman, извршен потпретседател и глобален главен директор при R/GA од Њујорк. Тој е клучен архитект на R/GA визијата „Connected Age“. Barry е претседател на Управниот одбор на Miami Ad School, член на Управниот борд на Американското здружение на огласувачки агенции, на американската огласувачка заедница...

На фестивалската бина ќе се појави и David Pivk, директор на комуникации при NIKE EMEA. Давид го води огласувачкиот сектор за Nike Football на подрачјето на Европа, на Блискиот Исток и Африка, а соработува и со најпознатите светски фудбалери, од каде има интересни приказни.

Вљубениците во спортот и новите технологии ќе имаат можност да слушнат за дел од случувањата на Светското првенство во Русија, а на подиумот ќе му се придружи и Evgeny Primachenko, креативен директор на агенцијата Wieden+Kennedy Amsterdam, што соработува со брендот Nike. Евгениј во Русија има добиено награда за Маркетинг личност на годината и важи за еден од најнаградуваните професионалци во оваа област.

Ќе имате можност да го слушате и еден од најмаркантните и најнаградувани креативци од Финска, Eka Roula, директор и извршен креативен директор на „hasan & partners“ во Финска, како и ко-извршен продуцент на „Незнајниот јунак“, најскапиот фински филм на сите времиња.

На присутните ќе им зборува и Justin Billingsley, под чие водство е формирана агенцијата „Publicis Emil“ и каде тој денес е директор. Џастин е член на Управниот одбор на „Publicis Groupe“ и претседател на „Publicis Groupe“ за Германија, Австрија и Швајцарија.

И, тоа не е сè - на бината ќе се качат уште голем број исклучителни говорници, како: Pietro Leone, глобален главен оперативен директор на „Geometry Intelligence“ од Велика Британија, кој претходно го водеше „Grey“ на 22 пазари; Steve Griffiths, задолжен за дигитален развој, стратегии и партнерства при DDB Europe, во Велика Британија и кој, на глобално рамниште, е одговорен за „дигитал“ на „Мекдоналдс“; Emma Wilkie, директорка на „Gunn Report“ од Велика Британија; Jan Jelle de Boer, креативен стратег во  MediaMonks од Холандија, како и голем број други значајни и познати имиња.

АТД: Речиси во секоја од екс-ју земјите се организираат фестивали и конференции за современите креативни комуникации и маркетинг. Можно ли е да се направи еден заеднички фестивал, преку кој креативната индустрија од целиот овој регион би станала многу поконкурентна на светско ниво?

- За тоа уште немаме размислувано, бидејќи не се јавила таква потреба. Доколку, пак, состојбите во индустријата значително се заострат, тогаш дека не би исклучиле размислување и во таа насока.

АТД: Рековте дека „..25-годишниот јубилеј е можност за подлабоко размислување каде сме денес и каква е иднината на нашата индустрија..“. Споредено со искуствата од „Голден драм“, кое е вашето мислење, каква е иднината на креативната индустрија, особено што веќе сè менува толку бргу?

- Продуктивните идеи се во центарот на комуникациите на брендовите. Лесно може да ги достигнеме со технологија од секаков вид, но, без креативност нема да се постигне истиот резултат. Креативната идеја е таа што ја прави разликата.

Знаеме дека на вашиот (македонски) пазар има исклучителни креативци што топло ги покануваме да ги пријават своите дела - рокот за пријава во натпреварувачкиот дел е до трети септември

Убедена сум дека на огласувачите прв соговорник ќе им биде онаа огласувачка агенција што го владее полето на креативноста, како и консултативните агенции што знаат да управуваат со особено значајниот аспект битен за постигнување одредена цел, односно со податоците.

АТД: На крај, што им препорачувате на агенциите и работниците од креативната индустрија од Македонија? Се чини дека мал е бројот на македонски пријави во натпреварувачкиот дел?

- Исто како и сите држави, така и Македонија е битна за фестивалот. Само да споменам, пред две години Saatchi&Saatchi Macedonia/Publicis One во категоријата Best Piece section зеде „Golden drum“ за делото „Sea Hero Quest“, како и уште едно злато во категоријата „Best Practice section“ за „Adriatic Award“. Василие Чорлука, извршен директор од агенцијата „Saatchi&Saatchi Macedonia/Publicis One“ ја освои наградата „Golden Watch“ за кампањата „Sea Hero Quest“. Тоа е исклучително достигнување и не е осамен пример.

Токму затоа знаеме дека на вашиот пазар има исклучителни креативци што топло ги покануваме да ги пријават своите дела - рокот за пријава во натпреварувачкиот дел е до трети септември.

(Тоше Огњанов/AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме