Admen

СТЕВАН АЛЕКСИЌ, ДИЗАЈНЕР: Добриот плакат ги претвора актерите во икони на сите времиња

06 сеп 2018

Сценограф, ислустратор, дизајнер, професор, колекционер се дел од низата активности што го сочинуваат професионалниот и секојдневниот ангажман на креативецот Стеван Алексиќ од Белград. Во разговорот со него се фокусиравме на дизајнерските трудови.

Алексиќ, покрај сценографијата и предавањата на Факултетот за уметност и дизајн во Белград, интензивно изработува нови постери за култни филмови од дваесеттиот век. Сепак, најмногу се интересира за големите филмски остварувања на некогашната Ју-кинематографија, од кои има и голема колекција оригинални постери.

„Тито и јас“, „Давител против давител“, „Кога ќе бидам мртов и бел“ се дел од филмовите што, иако одамна ги нема на филмското платно, добија нови плакати изработени од Алексиќ. На ред за изработка му е плакат и за легендарниот македонски филм „Тетовирање“.

ATD: Сценограф, колекционер, дизајнер што редизајнира плакати од култни филмови. Како вие самите се претставувате при таква мешавина од дејности?

- За себе би сакал да кажам дека сум „мултипрактик“ и дека сè што е поврзано со филмовите и старите добри времиња ми е многу блиско. Седмата уметност целосно ја засакав, ме обзеде процесот на креирање на филмското дело, почнав да се интересирам за режија, глума, монтажа, фотографија и конечно за сценографија.

После средното училиште за дизајн, се запишав на Факултетот за применети уметности, отсек сценографија. Мојата одлука беше сигурна, сакав да креирам разни светови во кои актерот ќе може да го прикаже својот лик.

Мојот омилен сегмент е секако цртање на битните сцени, на кадрите. Тоа е таканаречен просторен концепт, односно поставување на темелите во сценографијата. Поминаа 12 години откако предавам на факултет. Знаењето им го пренесувам на студентите, при што предавањата ги темелам на искуството и на времето поминато со големите филмски работници што создаваа во времето на некогашна Југославија.

Колекционер сум на оригинални постери што се наоѓаа низ кината во некогашна Југославија. Денес имам околу илјада примероци од вакви плакати, од кои некои се исклучително ретки и веќе имаат голема вредност.

Зачував и околу двесте оригинални VHS касети од култни филмови. Некои од нив сè уште се неотпакувани, а се купени во осумдесеттите години. Тоа што ми е исклучително битно е архивската вредност на предметите, па и на ситниците.

Неверојатно доживување е кога ќе се почувствува текстурата од старата хартија од постер што е испечатен пред неколку декади. Миризбата од одредени стари предмети, е како инстант враќање кон минатото, кон некои побезгрижни времиња, во периодот на среќното детство.

Се обидувам да им ја вратам славата на пплакатите, кога се во прашање култни домашни филмови. Заслужуваат адекватна презентација, а сметам дека немале соодветен третман во времето кога настанале

За предметите се врзувам зашто тие се чувари на многу убави и таинствени приказни, на спомените од некое време што нема никогаш да се врати. Чувствувам одговорност и обврска да ги сочувам вистинските вредности, да раскажам, да запишам и да ги пренесам понатаму.

ATD: Да се фокусираме на тоа што го работите како дизајнер. Земате плкати од некогашни филмови и после тоа ги креирате одново, давајќи им нова визија. Што е поттикот за тоа? Сакате да им дадете нова, современа приказна, или некогашните дизајнери не си ја завршиле доволно добро својата работа?

- Се обидувам да им ја вратам славата на пплакатите, кога се во прашање култни домашни филмови. Заслужуваат адекватна презентација, а сметам дека немале соодветен третман во времето кога настанале.

Повеќето од нив биле направени како груби колажи од фотографии од снимањата. Не се давало многу значење на изгледот и на композицијата. Тоа во мене побуди желба да ги илустрирам одново плакатите од сите оние позначајни филмски наслови од некогашната ју-кинематографија.

Сакам по примерот на големите илустратори, како Drew Struzan, John Alvin, Bob Peak, Richard Amsel, како и по примерот на младите надежи, како што е денес актуелниот Paul Shipper, да ги прикажам актерските легенди во сцени што долго ќе се паметат. Овој проект е омаж на југословенската кинематографија, на златниот период на филмот и мој длабок поклон пред великаните.

ATD: Каква техника користите за изработка на новите постери, како се одвива процесот, колку трае?

- Техниката за креирање на плакатите е дигитална. Преку компјутер, дигитална „Wacom“ табла и пенкало, постерите ги цртам и бојам во Photoshop. Постерот прво го замислувам, а потоа и го гледам филмот за да се потсетам и да извлечам карактеристични кадри во кои актерите имаат специфични изрази на лицата, по коишто ги паметиме.

После тоа доаѓа работа врз композицијата. Ги дефинирам позите на главните актери, блесокот во нивните очи, атмосферата, колоритот. Процесот на цртање на еден плакат трае од седум до десет дена. Кога ќе биде завршен, го испраќам на печатење и го вадам во формат 50х70 сантиметри.

ATD: Како ги оценувате плакатите што биле правени некогаш и тие што се прават денес? Кои од нив даваат подобра приказна за филмовите?

- Одлика на еден добар плакат во основа е одлика на самиот илустратор. Во плакатот е изразена способноста на авторот, во договор со режисерот, на хартија да ги префрли карактеристичните сцени што се клучни за описот на ликовите.

Историјата на филмските постери е богата. Дел од таа историја се големите уметници кои во периодот на седумдесеттите и златните осумдесетти години беа најпродуктивни. Со своите бесмртни илустрации за познатите филмови оставија печат во светската ризница на кинематографијата.

Тие илустратори, со четките и боите создаваа магија со која ги привлекуваа гледачите кон филмското платно, ја будеа љубопитноста кај публиката, а воедно будеа и желба за колекционерство.

Денес на филмскиот плакат не му се дава толкаво значење бидејќи живееме во времето на интернетот, па така многу повеќе внимание му се посветува на видео-трејлерот што го рекламира филмот. Филмските студија немаат буџети да финансираат ислустриран плакат и веќе одамна не ангажираат врвни уметници, туку само помалку стручни дизајнери што од добиените сирови фотографии од актерите создаваат колаж што вреди многу помалку и за кој не се трудат премногу.

Филмскиот плакат е прва средба на филмот со публиката, прв допир со сетилата на гледачот и затоа тој треба да подаде раце и да ги поведе луѓето кон киното

Многу често гледаме билборди со големи фотографии од филмските ѕвезди и тоа е сè. Искрено се надевам дека илустрираниот плакат повторно ќе се врати на голема врата, бидејќи има своја душа и на свој посебен начин е дел од филмот.

ATD: Во снова, што е тоа што треба да прикаже еден филмски постер? Да го прикаже главниот лик, некоја филмска ѕвезда, или, пак, да се посвети повеќе на самата приказна?

- Филмскиот плакат е прва средба на филмот со публиката, прв допир со сетилата на гледачот и затоа тој треба да подаде раце и да ги поведе луѓето кон киното. Филмските ѕвезди, пак, на илустрираните плакати добиваат сосема нова димензија, нивната улога е засилена, акцентирани се нивните карактерни црти и харизматичност.

Целта на еден добро нацртан плакат е главните актери да ги прикаже колосално, моќно, за публиката уште повеќе да се воодушевува од улогата што ја играат.

Имам повеќе од 1.000 оригинални филмски постери што биле во кината низ некогашна Југославија. Внимателно ги чувам бидејќи некои од нив се толку ретки, што веќе никаде не можат да се најадат

Плакатот е еден од инструментите што актерите ги претвора во икони за сите времиња. Доколку кон тоа се додаде и соодветно опкружување, нагласена атмосфера и акција со добар избор на фонт што го нагласува насловот на филмот, тогаш крајниот ефект е ем успешен маркетиншки потег, ем вредно уметничко дело што би посакале да го врамиме на ѕид.

ATD: Собирате предмети од осумдесеттите, а меѓу нив свое достоинствено место имаат плакатите од периодот на некогашната Ју-кинематографија. Како доаѓате до тие постери? Имате ли по некој постер и од македонските филмови од тоа време?

- Имам повеќе од 1.000 оригинални филмски постери што биле во кината низ некогашна Југославија. Внимателно ги чувам бидејќи некои од нив се толку ретки, што веќе никаде не можат да се најадат. Се дружам со неколкумина колекционери што се доста постари од мене, разменуваме плакати и се присетуваме на старите филмови како приказна од старите добри времиња.

Во план ми е да креирам, односно да илустрирам плакат за филмот „Тетовирање“, на режисерот Столе Попов. Тој е еден од моите омилени македонски - југословенски - филмски наслови

Колекционерството е доста скапо хоби. Тоа бара човек да биде упорен, да истрае во потрагите и да биде подготвен некогаш да плати и повисока цена за одредени раритети.

Исто таа учествувам и во онлајн аукции на интернет страници што се занимаваат со продажба на постери. Така, постои посебно голема радост во трката со другите купувачи, во тоа кој ќе биде подготвен да даде повисока цена.

Во мојата колекција, за жал, немам постери од македонски филмови, а можно е во сета оваа потрага еден ден да налетам и на некои од нив.

ATD: Дали би дизајнирале постер за некој од македонските филмови, кој би бил тој филм?

- Во план ми е да креирам, односно да илустрирам плакат за филмот „Тетовирање“, на режисерот Столе Попов. Тој е еден од моите омилени македонски - југословенски - филмски наслови. Се работи за сјајно сценарио на Мирко Ковач, Живојин Павловиќ и Столе Попов.

Филмот е снимен во 1989 година, но беше забранет, па во кината првпат е прикажан во 1991 година, после несреќниот распад на Југославија, за чија дисфункционалност и за пропаѓањето на социјализмот зборува и самиот филм.

Мето Јовановски, главниот актер, маестрално ја одигра својата улога. Тој е фантастичен актер.

Филмот има специфична тежина и е вовед во тажната судбина на една голема земја што беше убава идеја и на која се гордеам. Ќе ми биде задоволство да го креирам плакатот.

***

Поголем дел од трудовите на дизајнерот, сценограф и колекционер, Стеван Алексиќ, можат да се погледнат и на неговата страница на „Фејсбук“, како и на неговиот профил на „Инстаграм“.

(Тоше Огњанов/AdToDate.mk)

Gallery: СТЕВАН АЛЕКСИЌ, ИЛУСТРАТОР: Некогашната кинематографија добива нови плакати




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме