Admen

ПИТ РАДОВИЧ, КРЕАТИВЕН ДИРЕКТОР НА „CBS“: Раскажете добра приказна, луѓето бегаат од реклами

23 сеп 2018

Компаниите забораваат дека луѓето веќе плаќаат за да се ослободат од реклами, укажа Пит Радович, креативниот директор на најголемата спортска мрежа во САД, „Си-би-ес“ (CBS) во рамките на своето предавање на Викенд медиа фестивалот што деновиве се одржа во Ровињ, Хрватска.

Радович во рамките панелот „Tell me a story“, кој беше еден од најпосетените, покажа преку примери колку е битно рекламните кампањи веќе да не се реклами, туку приказни со содржина.

- „Make them care“. Раскажете ја приказната така што со луѓето, до кои треба да допрете, ќе воспоставите емотивна поврзаност, а не да им натурате својот производ - порача Радович.

Радович е добитник на бројни награди и признанија за своето работење во индустријата на креативните комуникации. Тоа што тој го пропагира е создавање едноставна и искрена содржина со приказна, а не „парадирање“ со производот.

Компаниите забораваат дека луѓето плаќаат за да избегаат од реклами. Вратете се кон основите, пронајдете и раскажете добра приказна, без да се натура производот. Врвниот „story telling“ е најефективниот начин да ја покажете вредноста на брендот

- Компаниите забораваат дека луѓето плаќаат за да избегаат од реклами. Вратете се кон основите, пронајдете и раскажете добра приказна, без да се натура производот. Врвниот „story telling“ е најефективниот начин да ја покажете вредноста на брендот - советува Радович.

Неговиот четириминутен телевизиски спот „Teasing John Malkovich“, што беше наменет за промовирање на најзначајниот спортски настан во САД, финалето во Американски фудбал (Супербоул), стана вирален хит.

Радович пред публиката во Ровињ зборуваше за спотот и за целата приказна околу неговото креирање. Рече дека прво не очекувал оти големиот Џон Малкович ќе прифати да сними реклама за Супербол.

Но, кога понудата била прифатена, тогаш следел голем притисок да се смисли концепт што ќе биде во духот на Малкович. Откако конечно бил прифатен концептот, продукцијата имала само четири часа на располагање да го изведе снимањето.

Резултатот е веќе познат. Спектакуларна реклама што донесе сосема нов пристап кон настан за кој веќе речиси сè е кажано од маркетиншки аспект.

Не можете да ги измамите луѓето. Сите си имаат некоја своја приказна во мобилниот телефон. Самите можат да си креираат содржина. Затоа, ризикувајте, создавајте содржина

Радович, преку примерот за Супербоул, укажа зошто големите агенции и компании вложуваат милиони долари во рекламни кампањи во кои нивниот производ речиси и не се спомнува. За конкретниот спот со Џон Малкович биле платени пет милиони долари, а самиот „Супербоул“ го има само 15 секунди во четириминутно видео.

 

- Да беше обратно, гледачите сигурно наместо во екранот, би гледале во својот мобилен. Не можете да ги измамите луѓето. Сите си имаат некоја своја приказна во мобилниот телефон. Самите можат да си креираат содржина. Затоа, ризикувајте, создавајте содржина - вели креативниот директор на „Си-би-ес“.

(AdToDate.mk/Извор: Weekendmediafestival)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме