Admen

НЕ КОПИРАЈТЕ, КРАДЕТЕ: Вандалски совети за маркетинг професионалци

03 окт 2018

Ваша работа некогаш е и да не си ја работите својата работа, советува Џеф Гудби, косопственик на агенцијата „Goodby, Silverstein & Partners“. Во неговата редовна колумна во магазинот „Adweek“ тој укажува на неколку „вандалски правила“ за маркетинг професионалци.

Одете против претчувството и, можеби, против сопствените правилни оценки, нагласува Гудби, укажувајќи им на креативците од маркетинг индустријата дека добриот производ некогаш е зад тоа што се смета за разумна проценка.

Правилата за коишто тој зборува, како што тврди, можат да се имплементираат речиси врз секој бизнис.

Не копирајте, крадете!

Ова е поедноставена верзија од тоа што го советувал и Пикасо, вели Гудби. Неговите вистински зборови се: „Добрите уметници копираат, големите уметници крадат“.

Брилијантната идеја, по којашто копате длабоко, како што објаснува колумнистот, е едноставно некаде на површината.

„На пример, Ден Вајден во почетоците на 'Најк' во 'Њујорк тајмс' видел сторија за убиецот Гери Гилмор од Јута. Пред да го егзекутираат го прашале кои му се последните барања, а убиецот само одговорил 'Направете го тоа'“, објаснува Гудби.

„Тие зборови“, додава колумнистот, „можеле да заминат во заборав ако Вајден го затворел весникот. Но, тој е пример за голем уметник“.

Дел од вашата работа е да не си ја работите својата работа

Кога бев јуниор-копирајтер, опишува Гудби, во канцеларијата на „Ogilvy & Mather“ во Сан Франциско, на посета дојде самиот Давид Огилви. Тој беше во своите доцни седумдесетти и изгледаше како многу пријатна личност. Секако, сите беа сосема уплашени, па тој сам си седеше во една од празните канцеларии. Се решив да му се претставам.

„Здраво господине Огилви“, реков. „Само што почнав да работам како копирајтер овде и...“

„Имаш цигари?“, ме прекина.

„Ќе најдам“, реков и истрчав да побарам. Откако се вратив со цигарите, господинот Давид запали една и се потпре на столчето.

„Значи, како млад копирајтер овде, по колку часови дневно пишуваш?

Знаев дека прашањето е замка на некој начин, па решив да играм паметно. „Веројатно околу осум до десет часа дневно“, одговорив.

„Кутро момче“, одговори тој, повлекувајќи чад со цигарата. „Не можеш да пишуваш по десет часа дневно. Треба да пишуваш по... два часа. Така остатокот од денот ќе го поминеш во потрага по добри работи за коишто ќе пишуваш“.

Во својата колумна објавена во „Adweek“, Гудби наведува уште три примери за т.н. неопходно вандалско однесување на професионалците во креативната индустрија. Сите совети можат да се прочитаат во неговата нова едукативна колумна.

(AdToDate.mk/Извор: Adweek)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме