Admen

ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ - МОЈ ВОЗДУХ; BOOKING.COM: Технологијата ќе биде клучна во општествениот активизам

22 окт 2018

Се побива мислата дека треба да си супермен за да си вклучен во решавање на општествено корисни проблеми. Во иднина, се надевам дека технологијата ќе биде доминантен начин за ширење на ваквите пораки.

Во интервју за „AdToDate.mk“ ова го вели Горјан Јовановски, активист, софтвер-инженер и креатор на апликацијата „Мој Воздух“, којашто го мери нивото на загаденост на воздухот во македонските градови.

Јовановски ќе биде гостин на годинашното, седмо, издание на конференцијата за дигитален маркетинг, AllWeb, што на 16 ноември ќе се одржи во Скопје. Во рамките на конференцијата тој повеќе ќе зборува за неговиот ангажман во Booking.com, каде денес работи како тим-лидер.

ATD: Горјан, ќе бидеш еден од предавачите на AllWeb. За што ќе зборуваш, за твоето искуство во Booking.com или ќе се посветиш на активизмот и апликацијата Мој Воздух?

- Иако досега сите мои јавни настапи биле околу МојВоздух, овој пат би сакал да пренесам малку поразлична приказна.

Во Booking.com секојдневно смислуваме нови идеи и подобрувања на нашиот производ, но се базираме исклучиво на податоци за да докажеме дали нашите корисници ги сакаат тие нови промени.

Во говорот на AllWeb ќе се фокусирам на „A/B testing“ филозофијата што ја има во Booking.com, и зошто е многу подобра отколку поединечни мислења на менаџери и шефови.

ATD: Веќе година и пол си лидер на тим во Booking.com. Што е тоа што таму го работиш и како успеа да влезеш во тој тим?

Во Booking.com водам тим од 12 луѓе. Заедно сме организирани како еден мал startup, и работиме исклучително на наша сопствена мисија и визија

- Официјално водам тим од 12 луѓе, и секој во мојот тим има различна улога (developers, designers, product owners, marketing managers, data scientists...). Заедно сме организирани како еден мал startup, и работиме исклучително на наша сопствена мисија и визија.

Нашиот проект, „Booking.Basic“, преку помош на надворешни партнери, носи уште пониски цени на Booking.com, со цел корисниците да може да заштедат повеќе на нивниот престој.

Мене лично ме повикаа на интервју во Booking.com преку мојот LinkedIn профил, една од најкористените алатки за пронаоѓање работа и регрутирање во светот, посебно во ИТ секторот.

ATD: Кои се предизвиците со кои се соочуваш во таа работна средина, гледано од професионален аспект и колку работењето таму е поразлично од твоето досегашно работно искуство?

- Booking.com има многу пријатна и опуштена атмосфера за работа. Секој има максимална одговорност и слобода околу својата работа, и нема шефови кои ти дишат во врат. Филозофијата е дека ти си вработен овде после долги интервјуа, и веруваме дека си способен да работиш квалитетно и самостојно.

Дури и ние како тим лидери сме научени дека не сме шефови, туку практикуваме „servant leadership“, методологија на служење на тимот место раководење со истиот

Дури и ние како тим лидери сме научени дека не сме шефови, туку практикуваме „servant leadership“, методологија на служење на тимот место раководење со истиот.

Секако, како лидер, се соочуваш со тешки ситуации и предизвици од доставување „developmental feedback“, до решавање на интерни конфликти меѓу колеги. За среќа, тренинзите што ни ги држат во Booking.com секогаш нè држат подготвени да се справиме со вакви моменти, со цел да се дојде до најдоброто можно решение.

ATD: Ја создаде апликацијата „Мој воздух“, за мерење на загаденоста на воздухот во градовите низ Македонија. Се работи ли на нејзини надградби и усовршувања?

- Мали усовршувања се прават секој месец, можеби невидливи за корисниците, но го олеснуваат користењето на апликацијата.

Во следниот период ќе биде внесувањето на долгоочекуваните сателитски снимки од Sentinel-5p сателитот, преку кој ќе може многу подетално да се видат изворите на загадување

Од поголемите надградби во следниот период ќе биде внесувањето на долгоочекуваните сателитски снимки од Sentinel-5p сателитот, преку кој ќе може многу подетално да се видат изворите на загадување.

ATD: Неодамна на предавање во Амстердам спомна дека се оди кон проширување на апликацијата и создавање можности таа да ја мери загаденоста на воздухот и во Холандија. До каде е тој проект?

- МојВоздух веќе го може тоа од пред некој месец. На мобилните апликации, во менито, има можност да се смени земјата од која се чита загадувањето, а во моментот се достапни Македонија и Холандија.

ATD: Дали е изводливо „Мој воздух“ да стане апликација што ќе ја чита загаденоста на градовите низ цела Европа. Што е потребно за тоа да се реализира?

- Време. Време и помош. Доколку би можел да посветам повеќе и да работам на МојВоздух, ќе можам да ги интегрирам и другите балкански земји, а потоа и европските.

Но, зад апликацијата стојам сам, и поради тоа во последен период сум во преговори со неколку европски агенции преку кои се надевам ќе обезбедам финансиска поддршка, со цел најмување професионална помош.

Штом ќе имаме тим од неколку програмери, МојВоздух ќе може многу побрзо да се прошири на другите пазари.

ATD: Со апликацијата се овозможи невидливиот проблем со загадувањето да стане визуелно разбирлив за граѓаните. Тргнувајќи од тоа искуство, како го замислуваш активизмот во иднина, кога се работи за решавање проблеми од општествен интерес?

- Со текот на годините, многу повеќе луѓе се вклучуваат во активизмот. Се побива мислата дека треба да си супермен, или да немаш постојана работа за да си вклучен во решавање на општествено корисни проблеми.

Во иднина, се надевам дека технологијата ќе биде доминантен начин за ширење на вакви пораки. Денес е многу лесно скоро секој да изработи проста веб страна или апликација, без големо ИТ знаење.

Со сè поголема информираност, ќе дојде и до поголема политичката одговорност на полињата на општествена корист, што за жал е слаба точка во Македонија.

ATD: За еден девелопер, кога е предизвикот поголем, а кога поприфатлив – кога треба да работи апликација за комерцијален клиент или, пак, кога станува збор за проблематика од јавен интерес?

- Тие два концепта се всушност многу слични. И во двата постојат корисници (комерцијални или граѓани), и во двата се решаваат проблеми (технички или општествени). Пристапот секако е различен, и импактот што таа креација ќе го има.

За мене, секогаш било и ќе биде поголем предизвик пробивање на добри навики во општеството, зошто со тоа се впуштате во нови и неконтролирани води, надвор од комфорт зоната на програмерското биро

За мене, секогаш било и ќе биде поголем предизвик пробивање на добри навики во општеството, зошто со тоа се впуштате во нови и неконтролирани води, надвор од комфорт зоната на програмерското биро.

ATD: Што е следно после „Мој воздух“, на дигитално поле?

- Идеи имам, се крчкаат, и набргу се надевам некоја од нив ќе стане реалност. Но МојВоздух ќе остане мое дете засекогаш, сè до денот кога ќе можам да го згаснам, бидејќи воздухот во Македонија е конечно чист.

(AdToDate.mk/Тоше Огњанов)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме