Admen

БОБ ПИТМАН, ОСНОВАЧ НА „ЕМ-ТИ-ВИ“: Кон вашиот бренд однесувајте се како кон човек

04 ное 2018

Боб Питман, американскиот медиумски могул, основач на легендарната музичка телевизија „Ем-ти-ви“, како и прв човек на компанијата „iHeartMedia“, вели дека негова главна филозофија е: Однесувајте се кон брендот како кон смртно суштество, како кон човек за кого треба да се грижите.

Овој свој став тој го истакна во рамките на гостувањето на годинашниот „Best Global Brands“ самит што во организација на „Interbrand“ минатиот месец се одржа во Њујорк.

Компанијата „iHeartMedia“ што сега ја води е една од најголемите во полето на музичката индустрија и радиото во САД. Под капата на оваа компанија работат повеќе од 850 радио-станици.

Сеќавајќи се на времето кога ја стартувале „Ем-ти-ви“, тој си го постави прашањето дали со тимот тогаш „навистина правеле храбри чекори“.

- Тоа што се покажа функционално за 'Ем-ти-ви' е што посветувавме многу време на брендот - истакна Питман на панел-дискусијата во Њујорк.

Како што објасни, идејата на тимот-основачи била да создадат медиум што ќе креира визуелен израз во зависност од музиката.

- Тогаш си рековме самите на себе, овој телевизиски бренд ќе биде како човек - истакна Питман.

Во телевизијата ја внеле сопствената младешка енергија и ставови.

- Тогаш имав 26 години. Не се грижевме што немаме искуство, повеќе нè интересираше ставот на нашите пријатели. Направивме некои откачени и несекојдневни потези, но публиката дојде бидејќи 'Ем-ти-ви' ги отсликуваше нашите личности - рече Питман.

Колективна слика за нивните личности, најдобро се отсликува преку лого на телевизијата, коешто доживеа бројни измени во текот на 37 години.

Каналот немал пари тогаш да плати за „фенси“ лого како „Војна на ѕвездите“ во тоа време, но сепак идејата им била да покажат нешто различно што сепак нема да изгледа евтино.

Дизајнот на логото на „Ем-ти-ви“ чинел 750 долари

- Најбитно ни беше да се држиме до колективната слика за нас како личности и таа да ја прикажеме преку брендот, којшто нè претставуваше нас - смета Питман.

Тој додаде дека токму грижата за „Ем-ти-ви“, како личност, е причина што брендот се одржа три децении. Сепак, според него, таа приказна завршува со заминувањето на Judy McGrath, извршната директорка, којашто во компанијата влегла уште во првата година на основањето, како копирајтер.

- Кога Џуди замина, веќе немаше кој да го чува брендот. Сè се претвори во програма или економски исплатливи одлуки и немаше кој да каже „чекајте, најбитен од сè e брендот. Со брендот нема играње и ризикување“ - посочи Питман, раскажувајќи за историјата на „Ем-ти-ви“.

Музичкиот канал „Ем-ти-ви“ (Music Television)  почна со емитување на 1 авуст, 1981 година. Во најавното видео се искористени сцени од лунарната мисија Аполо.

(AdToDate.mk/Извор: interbrand.com)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме