Admen

ДАВИД РИСТЕВСКИ – DREADPEN: Посакувам градот да стане пошарено и позитивно место

20 дек 2018

Се потпишува како Dreadpen и со своите шарени анимации од „чудовишта“ што се појавија низ Скопје му донесе боја на градот. Зад псевдонимот стои Давид Ристевски, креативец, дизајнер, визуелен уметник. Создава и свој бренд, „Dreadpen“ во кој се отсликува урбаната хип-хоп култура.

Во интервју за „AdToDate“, Ристевски зборува за создавањето под уметничко име, за начинот на кој го анимираше градот, но и за неговото искуство со градењето урбан моден бренд, чии производи можат да се видат онлајн.

ATD: Создаваш зад псевдонимот „Dreadpen“. Кој е поводот сопствениот авторски идентитет да се замени со псведоним?

- Поводот е едноставен, како една идеја да прерасне во нешто поголемо. Филозофијата позади Dreadpen е едноставна. Фузија на тоа што сум и на тоа што го правам. Суканици што ги имам веќе десет години, плус молив. Тоа е основата на секоја моја илустрација.

ATD: Дали е поинспиративно да се работи кога делото на крај ќе биде потпишано со уметничко име?

- Поинспиративно? Не. Инспирацијата доаѓа од сите страни, а тоа што излегува од мене како дело нема да биде ништо поразлично ако тоа е потпишано со лично име.

ATD: Низ Скопје ги „оживеа“ електричните трансформатори, претворајќи ги во карикатури. Ги нарекуваш  #Dreadbox. Кои се тие ликови, која е нивната заедничка приказна?

-  #DreadBox е позитивната корелација меѓу оживеаното трансформаторче и случајниот минувач. Нивната приказна не е завршена, таа сè уште трае, се надоградува и шири. И нема да заврши.

Секое монстерче е поттикнато од различна приказна и позадина, зависно од тајмингот. Но, секое од нив има една и единствена цел, а тоа е да изнуди насмевка на некој минувач и барем малку да му го промени секојдневието

Секое монстерче е поттикнато од различна приказна и позадина, зависно од тајмингот. Но, секое од нив има една и единствена цел, а тоа е да изнуди насмевка на некој минувач и барем малку да му го промени секојдневието (особено во вакви зимски и сиви денови).

#DreadBox = Насмевка

ATD: Скришно ли го правеше нивното анимирање? Kако го изведе тоа?

- Шшш... Не би рекол дека е скришно, но 90% од процесот е кога улиците се празни. Позитивно изненадува фактот што како приказната на #DreadBox растеше, така сè повеќе луѓе се интересираат како градот да стане пошарено место, попозитивно.

ATD: Твојот „герила“ пристап на анимација на просторот многу потсетува на начинот на делување на Бенкси. Неблагодарно е да се споредуваат уметничките трудови, но која е твојата порака од „уличната“ креација?

- Биди слободен и твори колку што можеш повеќе.

ATD: Покрај псевдоним, „Dreаdpen“ денес е и твој моден бренд поттикнат од урбаната хип-хоп култура. Каде може да се види и набави оваа облека со уникатни карикирани анимации?

- Dreadpen призводите може да се купат онлајн (dreadpen.com) или на промоциите кои се случуваат по неколку пати во текот на годината. Некогаш е промоција за нова колекција, некогаш е само некој pop-up, ама во секој случај секогаш има по некое изненадување.

ATD: Какво е твоето искуство, може ли дизајнерски бренд од Македонија да се пробие на странски пазар, каде бројот на консументите, но и на конкуренцијата е значително поголем? Кои се чекорите за да се стигне до таму?

- Не постојат чекори од типот, 1 – 2 – 3 што би те однеле и би ти загарантирале излез и успех и тука и на странски пазар. Одговорот е секако дека може. Но ништо и никаде не е лесно. Иако денес со пристап до интернет би рекол дека на некој начин тоа е олеснето, но сè уште постојат препреки што нè ограничуваат, особено за странски пазар.

Можам да кажам дека е достижен и странскиот пазар, со оглед на тоа што во оваа 2018 година 20% од продажбата на dreadpen.com е од странство. Квалитетот, уникатноста и конзистентноста се трите фактори кои ја играат главната улога за „успех“

Тоа што е позитивно кај нас e тоа што како пазар сме мали и многу лесно можеш да ги дознаеш работите како функционираат, од каде сѐ можеш да набавиш материјали и слично.

Слободно можам да кажам дека е достижен и странскиот пазар, со оглед на тоа што во оваа 2018 година 20% од продажбата на dreadpen.com е од странство. Квалитетот, уникатноста и конзистентноста се трите фактори кои ја играат главната улога за „успех“.

ATD: Има ли на повидок нов проект за „карикирање“ на јавниот простор?

- Секако дека да. Полека се крчка и тоа ќе се појави во новата 2019 година.

(Тоше Огњанов/AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме