Admen

Комплетен PR за ведрата страна од животот

Publicis, 13 јун 2017

Да се зборува со Зорица, и да се читаат нејзините мисли е задоволство. Инспиративна, насмеана, жена - приказна, долгогодишно лице од ТВ екраните, совршено уморен човек, со совршено голема насмевка кон животот. Веќе 17 години другарува со креативните умови во Publicis и создава ред и поредок во домашните долапчиња, фиоки и соништа smiley

 

Кога ќе го спомнам зборчето Рафинерија, што прво ти паѓа на памет? А што кога ќе кажам Досие Скопје? 

Рафинерија беше вреден и квалитетен телевизиски продукт што како и претходните мои ТВ деривати ме обележа како личност, но за жал не потраjа доволно долго за да ги развие сите свои потенцијали. Беше направена „на ура“, брзо и невешто, но тогаш така се работеше и во тоа време тие продукциски практики беа сосема прифатливи. Она по што повеќето сепак ме памтат е квизот „Без Паника“, моите емисии „Селект“ и „Екстрас“ на А1 ТВ, „Кој кого расте“ на Телма ТВ, „На гости кај “ на МРТ и секако по „Досие Скопје“. Досие беше убав, вреден и комплексен проект, поддржан од тогашен „Совет за радиодифузија“ и се вртеше по сите национални телевизии долго, долго време. Автор на проектот е Дарко Митревски, а имаше многу глумци, протагонисти, натуршчици и локални, градски легенди. Се реемитуваше толку долго, што јас веќе имав трисет и нешто, а сеуште се гледав како скокам на кревет во една сцена во која имам 18 години. Бурлески. 

За оние што не знаат, ти си дел од ПР тимот во Публицис. Каде најдобро ги регенерираш своите креативни зрнца? Има ли момент кога си рекла - Ма нема шанси, се откажувам!

Откажувањето или попуштањето под товарот на околностите не е во мојата природа. Јас сум еден тврдоглав, детерминиран, упорен и опсесивен човечки примерок и додека не ги доведам нештата до ниво да бидам горда на нив и на продуктот што сум го сработила, нема да ме дефокусира ништо друго што во моментот е актуелно. Приказните што ги креирам ме креираат мене како човек и како професионалец и мојата работа повеќе зборува за мене отколку мојот „рафиниран“ изглед или моите фуксија штикличиња.

И наспроти тоа - во што „прерасна“ Зорица Црношија после сите овие години?

Долгогодишната работа и ангажмани, вмрежувањето со поединци од различни индустрии, учењето и прифаќањето на работните протоколи и работната етика, како и надградувањето на личната одговорност кон сè во што доброволно сум се впуштила, од мене направи високо свесен и совесен човек.

Во таа смисла, се споредувам себе само со мојата поранешна себе, не со другите. И да бидам комплетно искрена, оваа Зока е подобар човек. 

Мораш да ни раскажеш како си почнала во маркетингот. Башка што си и лице од ТВ екраните, водеше емисии - нема кој не се заразил од твојата насмевка. И не се зезам овдеsmiley

Пробувам да се сетам на клучните ситуации или тригер фактори што го околчија мојот професионален простор или мојот живот во поширока смисла. Можеби тоа и не е повеќе важно во контекст на сето она што до сега сум го работела, но убаво памтам дека секогаш ме водела една лудачка покорност кон нештата што сум ги сакала или во чии вредности сум верувала.

Работам од мојата 16 година и сум била ангажиран како келнерка, продавачка во бутик, ТВ и радио водител, презентер, автор, сценарист, концептуалист, а овој моментен ангажман како ПР Менаџер е само валоризација на сите знаења, способности и вештини собрани во изминатите 25 години како непрестајно нешто работам и како оперативец и како креативец. Среќна сум што менаџментот на Публицис пред 17 години во мене препозна квалитет за себе и одлучи да инвестира во моето професионално надградување. 

Денес сум староседелец, домицил со постојано живеалиште во Публицис. И да бидам искрена, големо задоволство, привилегија и возбуда е да се работи тука. Фантастично е секојдневно да се биде во опкружување со толку маркантни умови што ја обликуваа оваа индустрија каква што е таа денес. Сето тоа некако обврзува на извонредност и на исклучителност. И на ништо помалку. 

Мама на Мате и Бела, женска на Трендо. А која е Зока, најсвоја кога си е?

За мене секој ден е нова борба, нов предизвик да се постигне она што е замислено, неопходно и задолжително. Она што ми отежнува и ме прави фрустрирана во голем дел од времето, се моите неоправдано високи очекувања нештата да бидат реализирани на перфектно ниво, дури и тогаш кога задоволителното е сосема прифатливо и оправдано. Не можам да се помирам со фактот дека животот толку брзо поминува, а јас толку многу сакам да имам повеќе време, повеќе енергија, повеќе трпение, повеќе можности за она што сакам да го постигнам. Бидејќи сум опседната со контрола и мониторинг на сите нешта што ме опкружуваат приватно и професионално, голем дезинфекциски фанатик сум, а според тоа какви манични карактеристики имам, стручната јавност веројатно би ме дефинирала како „border line patient“ (граничен случај). Од сето споменато, јасно е дека јас сум еден многу, многу, многу уморен човек. 

Сподели ни барем 2 најдобри проекти/кампањи во кои си била вложена и со радост сакаш да ги прераскажуваш!

Ја сакам оваа професија, со голема жар ја работам и денес, ме возбудуваат новите жанровски правила на денешните „домородци“ на дигиталното време, што сакаат да се идентификуваат како кустоси на сопствените содржини и на автохтониот избор, ги следам сите микро и макро движења во сферата во која работам. По 17 години поминати во Публицис, јасно ми е дека она по што се двоите од останатите во оваа и во сите други професии, е таа страст со која работите, тој автентичен печат што како човек го оставате и таа искреност во пристапот што ве тера и на другите да им дадете исто како што би си дале себеси. Во таа насока, за мене не постојат кампањи, проекти, ниту активности што сметам дека се безвредни и во што не би можела да ја истурам мојата есенција. 

На гости кај кого би сакала да отидеш и да му го наместиш домот пиц-пец?

Кај Дина, другарка и колешка. Има две двогодишни близначиња, а јас имам голема емпатија кон она со што таа и секоја друга мајка на две мали деца се соочува секојдневно. Па ете, би направила таква усилба и би и ги средила шифоњерите. 

Времево во кое живееме е чиста дигитална борба. Негативизам, медиуми што молчат или гласно лажат, социјални мрежи што нè отуѓуваат... Како PR претставник, што значи да се биде непресушен интервал радост и медиум во човечка форма?

Да бидам искрена, актуелниот спектар на дешавки не е амбиент што би го избрала за себе и за своето семејство. Се штитам од овој токсичен свет со тоа што не дозволувам сите банални и патетични приказни да бидат дел од мојот ден. Никој нема моќ да ме контаминира со негативност, бесмисленост, инфантилност и препотенцирање на ноторните вистини. Не прифаќам да бидам дел од групи чии вредности не споделувам. Во таа смисла, моите заложби и приватно и професионално зборуваат за личните преференци, за една базична пристојност и учтивост, но и за достоинство на поединец што во секој домен на своето делување сака да гради позитивен свет.

Макотрпно ли е да се пренесуваат добрите нешта (за брендовите/компаниите), кога публиката е презаситена, а недоволно информирана?

„Поткревање на свеста“ за овој или за оној топик е долготраен процес и нештата не стануваат подобри преку ноќ. Но, верувам дека секојдневно се случуваат микро или нано промени и исчекори кон подобро во светот што нè опкружува.

Сепак, комуникацијата со „јавноста“ во која се обидувате да редефинирате некои норми и практики, да едуцирате, да поттикнете, да охрабрите, да афирмирате или да поддржите некого или нешто во ваков неповолен амбиент е безмалку сизифова работа. Сизифова работа во оваа мала земја. Тоа е посебна димензија. 

Научивме ли како да се промовираме и да даваме убави соопштенија до јавноста? Што можеме повеќе, а што можеме уште повеќе?

Секако дека сите значително можеме да придонесеме кон подигнување на квалитетот на креативната индустрија, на поддржување на креативните сили, логичното расудување и долгорочно да влијаеме на унапредување на нивото на комуникацијата. Убедена сум дека таквиот амбиент што препознава подлабока вредност во разноврсноста на идеите, во родната разноликост, во различните стилови, проактивноста, асертивноста... Ќе ги привлече и ќе ги искористи за себе најдобрите таленти што ќе им служат како инспирација на идните генерации на талентирани поединци. 

За крај - Знам дека морето ти е другар. Што би му шепнала ова лето?

Можам да клекнам и да се расплачам секој пат кога ќе помислам како се чувствувам кога сум блиску до море. До моето море, таму, на Угљан, блиску до Задар. Секој божји ден мислам на тоа колку сум благодарна што имам таква можност. За мене морето е поголем спектакл од небото. Олицетворение на моето нестварно и прекрасно постоење. Толкава огромна водурина и ти со него никогаш не си сам. Морето е сè. Ќе си помолчиме заедно и ова лето. Ќе впивам и ќе памтам. 

 

Насловна фотографија: Томислав Георгиев

Фотографија во текст: Маја Златевска





Оставете коментар

CAPTCHA code