Campaigns

СУПЕР ХЕРОИ ПРОТИВ ТУМОРОТ: Анимирани филмови им помагаат на децата болни од канцер

02 окт 2017

 

Супер ќелавко, стариот пират и неговото другарче, добриот морж се само дел од измислените ликови кои се главни јунаци во серијата куси анимирани филмови наменети за децата болни од рак. Овие имагинарни ликови се креирани со цел да им помогнат на децата, полесно, на емотивен план, да се соочат со болеста.

Анимациите се дел од кампања што за потребите на Фондацијата за помош на децата заболени од рак (Pediatric Brain Tumor Foundation) ги изработи агенцијата РПА (Rubin Postaer and Associates) од Лос Анџелес. Изработени се дваесет кратки филмови, кои можат да се погледнат на интернет страницата „Imaginary Friend Society“.

Во филмовите се појавуваат различни карактери, кои преку анимации и јазик разбирлив за децата им објаснуваат што е болеста со која се соочуваат. Во исто време, преку концептот на анимираниот филм, во кој добриот го победува лошиот, добрите пирати (клетки) ги победуваат лошите (клетки).

Креаторите на анимираните филмови кои се дел од оваа кампања, се потрудиле да креираат различни ликови, кои се соочуваат со истите стравови, чувства и проблеми, што се јавуваат кај децата заболени од канцер. Притоа авторите внесуваат и момент на надеж, дека може да се победи болеста, како и дека детето не треба да се срами ако остане без коса поради хемотерапијата.

Така, еден од супер-хероите е Ќелавко, кој со своите моќи ги победува лошите клетки и воедно станува херој за тие деца.

- Нашата цел е да им помогнеме на децата кај кои е дијагностициран канцер на мозокот и на централниот нервен систем. Секоја година се регистрирани повеќе од 4.600 деца со оваа дијагноза, што значи дека се појавуваат по 13 случаи дневно - вели Робин Боичер, претседател и извршен директор на фондацијата „Pediatric Brain Tumor“.

 

 

Главната идеја на филмовите е да им се помогне ем на децата, ем на нивните родители.

- Овие филмови им помагаат на фамилиите полесно да го поминат патот на лекување, а на децата им влеваат самодоверба и храброст – истакнува Боичер.

 

Секое од видета е на различна тема, креирано со музика и звук од различни делови од светот. Темите се хемотерапија, трансфузија на крв, ќелавост, тргнување во училиште.

Направени се на англиски јазик, а преку страницата „Imaginary Friend Society“, се достапни за бесплатно гледање низ целиот свет.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме