Campaigns

СТОЛЧЕ ЗА УДИРАЊЕ ШЛАКАНИЦИ: Родители се расплакаа од кампањата на УНИЦЕФ против тепањето деца

07 ное 2017

 

Имаме столче што се заврстува на подот и на кое комотно можете да го треснете вашето дете, без да се грижите дали тоа ќе падне и ќе го истури јадењето што е пред него. Имаме и специјално креветче, во кое слободно можете да го фрлите вашето дете кога плаче, без да се повредите од оградата.

Колку и да звучат зачудувачки, ова се зборови од кампања што ја покрена УНИЦЕФ, а со која се отсликува реалноста за насилството што се врши врз децата во семејствата.

Во рамките на кампањата, којашто на социјалните мрежи се води под хаштаг „#ENDviolence“, снимено е кратко видео во кое е претставен продажен салон за мебел во кој се нудат производи специјално дизајнирани за „безгрижно“ тепање деца.

Родителите што доаѓаат во салонот не знаат на каква понуда ќе наидат. Но, кога продавачката ќе почне да им ги претставува производите и сите можности што тие ги нудат за физичко малтретирање на децата, родителите се вџашуваат од тоа што го слушаат.

Во една од понудите е и креветче со специјана преграда во којашто детето може да се сокрие од „насилниот вујко“ што е дојден на гости.

Откако им беше укажано дека оваа необична понуда е дел од кампања на УНИЦЕФ и откако им беа презентирани поразителните бројки за семејно насилство врз децата, родителите што влегоа во салонот не може да се воздржат, а да не заплачат.

Според статистиките, три од четири деца се изложени на тепање додека растат. Седумдесет и пет проценти од децата на возраст меѓу 2 и 4 години се постојано изложени на насилно дисциплинирање од нивните родители или старатели.

Дури шест од десет бебиња на возраст до една година се регуларно изложени на насилно воспитување. На светско ниво, секое четврто дете, што е на возраст под пет години, живее со мајка што е жртва на семејно насилство.

Кампањата, за потребите на УНИЦЕФ ја изработи агенцијата VML. Продукцијата е на „Artifact Nonfiction“, а режијата на видео-содржината е на Давид Грабиас.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме