Campaigns

„СТАРМЕН“ ПРОДОЛЖУВА ДА ЛЕТА: Со буџет од нула долари „Тесла“ доби историска реклама (во живо)

09 фев 2018

Во историјата на маркетингот се запиша компанијата „Тесла“, којашто за буџет од нула долари доби реклама што вреди милиони и што достигна гледаност каква што ретко која рекламна содржина успева да постигне.

Спортскиот автомобил „тесла“, којшто, поставен на ракета носач, беше лансиран во вторникот вечерта и натаму е во вселената, во орбита што ќе треба да го одведе на околу 400 милиони километри од Земјата.

Лансирањето на супер-тешката ракета, наречена „Фалкон хеви“, го изведе компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск, кој заедно со ракетата го испрати и својот личен автомобил „тесла“ вреден 100.000 долари.

Лансирањето во живо го гледаа милиони луѓе, а патувањето на автомобилот, во кој е поставена кукла наречена Стармен и натаму се емитува во живо и постојано има гледаност од десетици илјади луѓе во минута.

Компанијата „Тесла“, без да вложи ниту долар во реклама, на овој начин доби популаризација каква што немала до сега, иако на ниту едно место на камерите не стои натпис што би укажал дека се работи за автомобил „тесла“.

На тој начин само се продолжи концептот што го има таа компанија - да не се вложуваат пари во рекламирање.

Сепак, работите не се толку едноставни, односно бесплатни, како што изгледа. Еден од основачите на „Тесла“ е токму Илон Маск, основачот на компанијата „Спејс Икс“, чијшто проект е лансирањето на ракетата „Фалкон хеви“.

Според тврдењето на „Спејс икс“, самото лансирање на ракетата чинело околу 90 милиони долари. Вложувањата за развој на технологијата и на овој нов вид вселенско летало, пак, чинело околу 500 милиони долари.

Секако, не е за занемарување и вредноста на автомобилот, (100.000 долари) што е оставен на патува низ вселената.

Првичниот план беше автомобилот, сосе носачот, да се сретне со Марс. Но, според новите пресметки, ракетата била посилна отколку што се очекувало, па веројатно автомобилот „тесла“ ќе замине подалеку од Марс, кон астероидниот појас, што се наоѓа подлабоко во сончевиот систем.

ВО ЖИВО: Стармен на пат во вселената




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме