Campaigns

БАРАЛЕ СТРУЈА ОД КУЌА ДО КУЌА: Како изгледа патување низ Македонија со електричен автомобил „Тесла“

08 мај 2018

Од куќа до куќа, со кабел во рака, група полски авантуристи очајно барале начин како да ја наполнат батеријата на нивниот автомобил „Тесла“, кој се движи целосно на електричен погон. Тоа стои во описот на експериментот што го направила екипата на онлајн магазинот „Clean Technica“, којашто на почетокот од мај тргнала на пат низ, како што велат, Дивиот Исток.

Целта на нивното патување било да видат како може еден корисник на автомобил „Тесла“ да се движи низ земји каде уште нема доволен број полначи за автомобили на батерии. Експериментот го почнале од Романија, па преку Бугарија, пристигнале во Македонија.

Кратово им било првата станица во земјава. Токму таму ја имале најголемата авантура на своето патување низ Македoнија. Еден од тимот, буквално, со кабел во рака, одел од куќа до куќа, за да најде соодветен електричен приклучок за да ја наполнат батеријата од автомобилот.

Најголем проблем им било тоа што софистицираниот сензор на кабелот на „Тесла“ укажувал дека речиси ниту еден од електричните приклучоци во кратовските куќи немал заземјување. Сепак, после подолго пребарување, наишле на приклучок со заземјување, што бил соодветен за батеријата на електричното возило.

Препораката од тимот на „Clean Technica“ е дека Македонија е вистинското место за сите оние корисници на електрични возила, што сакаат сериозна авантура (мислејќи на (не)можноста да се најде полнач за возилото). За тие, пак, што сакаат помалку авантура, го препорачуваат Скопје и околината, зашто во градот може сепак да се најде полнач за електрично возило.

Повеќе детали и фотографии од патешествието на тимот од „Clean Technica“ можат да се погледнат на интернет страницата на интернационалниот онлајн магазин.

 

(AdToDate.mk/Извор: Cleantechnica.com)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме