Campaigns

НЕМА КРИЗА ЗА ГОЛЕМИТЕ КЛУБОВИ: Огласувачите годинава ќе потрошат 57 милијарди евра за спонзорства

02 окт 2018

Големите клубови, врвните спортски професионалци и тимовите што се популарни кај публиката, немаат причини за грижа за финансии и во новата сезона. Огласувачите годинава се натокмени да издвојат 57 милијарди евра на спонзорства на глобално ниво.

Тоа го покажало истражување на WARC, меѓународната агенција за анализа на маркетиншкиот пазар.

Според заклучоците на WARC, индустријата за забава, во која влегува и спортот, и натаму ќе биде број еден инвестиција за големите компании што сакаат да бидат видливи на спортските натпревари и на настани што привлекуваат стотици илјади гледачи.

Најголеми вложувања во спонзорства ќе имаат компаниите во САД (21 милијарда евра), а веднаш зад нив се европските играчи во големите бизниси со планиран влог од 15 милијарди евра.

Следуваат спонзорите од Азија со 14 милијарди евра, па Јужна Америка со четири милијарди евра и Африка со 2,4 милијарди евра.

„Во време на голема расцепканост и бројност на медиумските платформи, спортските настани нудат интеракција со огромен број консументи одеднаш“, се вели во дел од анализата.

Поголемиот дел од средствата се планирани за спонзорирање спортски установи и настани. Годинава исклучок направи Светското првенство во Русија, кое беше најгледан спортски настан во историјата.

Во меѓународното истражување на WARC биле вклучени 500 директори на компании од различни области.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме