Campaigns

РЕЦИКЛИРАЊЕ СО СЕКОЈ ЗБОР: Кој е најчистиот фонт на светот?

04 окт 2018

Каков е резултатот кога екологисти, креативци и волонтери ќе ги спојат силите и ќе создадат нешто ново од материјали што можат да се рециклираат. Тоа не е ниту некоја нова пластична амбалажа, ниту, пак, нова тегла или шише.

Креацијата е нов фонт со букви и бројки создадени од отпадоци. Колку и да звучи необично, но веќе можете да пишувате со букви што личат на стари гуми, фрлени пластични шишиња и разни други отпадоци.

Се работи за кампања во Словенија, во која се вклучија членови на организацијата Екологисти без граници, креативци од агенцијата „Futura DDB“, како и неколкумина волонтери.

Во рамките на Светскиот ден за чиста планета, 15 септември, групата почнала акција за собирање на отпадоците низ Словенија.

Но, креативците отишле чекор понатаму, па решиле собраните отпадоци да ги „рециклираат“ и од нив да создадат нешто што ќе може да се користи.

Шишињата, облеката, старите гуми ги наредиле во форма на латинични букви и секоја од нив ја фотографирале одделно. Со обработка на фотографиите, е креиран новиот, рециклиран, фонт.

Пораката од оваа кампања е многу јасна. Отпадоците мора да се рециклираат и одново да се користат, па дури и во калиграфијата.

Новиот фонт е веќе достапен за бесплатно преземање преку овој линк. Со преземањето на фонтот им се дава поддршкана акциите за здрава околина што ги води организацијата Екологисти без граници.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме