Campaigns

ЗАГРИЖУВАЧКИ ТРЕНД: Сексуалното малтретирање сè повеќе застапено во маркетинг-индустријата

05 ное 2018

Ниту индустријата чијашто главна задача е креативноста, не е имуна на сексуалните малтретирања на работните места. Најголем број од жртвите се жени, но има и мажи. Загрижувачки е што е голем бројот на тие што се решиле да премолчат за непријатните искуства.

Асоцијацијата „timeTo“ направила истражување на пазарот во Велика Британија, каде била направена анкета со 3,500 лица, мажи и жени, активно вклучени во тамошната креативна индустрија. Резултатите биле загрижувачки.

Вкупно 34 проценти од жените и девет проценти од мажите се изјасниле дека биле жртви на сексуално малтретирање од страна на лица што се дел од нивните работни организации.

Седумдесет и два отсто од нив, такво искуство имале повеќе од еднаш, а 83 проценти никогаш не кажале за малтретирањето.

Истражувањето открило дека триесет отсто од луѓето во креативната индустрија биле сведоци на сексуално малтретирање на работното место.

- Нашето истражување потврдува дека сексуалното малтретирање е реално и постои во нашата индустрија. Но, проблемот не е секогаш бинарен, со јасна поделеност на добро и лошо. Тој може да биде затскриен, па дури и без ескплицитно изразени намери, но секогаш станува збор за злоупотреба на хиерархиската моќ - вели Хелен Калкрафт од асоцијацијата „timeTo“.

Повеќе од 100 маркетинг агенции во Велика Британија веќе се вклучија и ја поддржаа кампањата, чија главна цел е да се укаже дека проблемот е присутен во креативната индустрија и дека истиот треба да биде искоренет.

- Целта на нашата кампања е секој што е дел од оваа индустрија да биде свесен дека нападното однесување од сексуална природа, што секого го прави да се чувствува непријатно, е сосема неприфатливо. Време е (timeTo) да го запреме сексуалното малтретирање во нашата индустрија - вели Кери Глазер, извршна директорка на NABS, асоцијација за поддршка на маркетинг индустријата.

Во рамките на кампањата се снимени и неколку видеа, а во кои се прикажани ситуации на вообичаено сексуално вознемирување додека се извршуваат работните задачи.

Во секој од случаите агресори се лица што се на повисока хиерархиска позиција.

Досегашните истражувања за разни прашања поврзани со маркетингот, а кои биле спроведени во Велика Британија, во голема мера се покажале соодветни и за ситуацијата на целиот европски пазар.

Кај нас, пак, засега, овакво истражување во конкретната идустрија не е спроведено.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме