Campaigns

ГЕРИЛА АКЦИЈА: Руски „агенти“ поставија шифрирани билборди со Путин среде Лондон (фото)

06 дек 2018

Билборди со ликот на рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец осамнаа во Лондон и ги збунија минувачите во главниот град на Велика Британија. Билбордите го величат, како што се тврди, руското мешање и влијание во референдумот за Брегзит.

Пораките и фотографиите се поставени илегално, на билборд-површини што се во сопственост на интернационалната компанија за надворешно рекламирање „Clear Channel“. Веднаш откако било увидено подметнувањето, компанијата ги отстранила плакатите во најкус можен рок. Но, фотографии и видеа се појавија на социјалните мрежи.

Како што се вели во објавите, акцијата била спроведена од група којашто тврди дека се руски агенти. Сепак, набргу е откриено дека се работи за британски активисти коишто себеси се нарекуваат „Proud Bear“.

Билбордите ги поставиле за да ја повикаат британската влада да покрене истрага за тврдењата дека Русија се вмешала во крајниот исход од референдумот за излегување на Велика Британија од Европската Унија, познат како Брегзит.

Кампањата опфаќа и интернет страница на која, како кодирани пораки, стојат барања упатени до британската премиерка Тереза Меј да го истражи евентуалното руско мешање.

Според тврдењата објавени на интернет страницата, во 2016 година, пред одржувањето на референдумот биле активирани повеќе од 150.000 руски акаунти на Твитер, од каде биле продуцирани илјадници твитови со кои Британците биле повикани да излезат и да гласаат за разделување од Европската Унија.

(AdToDate.mk/Извор: TheDrum)

 




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме