Campaigns

ПОВЛЕЧЕНИ РЕКЛАМИ ПОРАДИ ВОДИТЕЛ: Како огласувачите во САД реагираат на говор на омраза?

20 дек 2018

Повеќе од дваесет големи брендови ги повлекоа своите реклами од едно од најгледаните политичко-информативни шоуа на конзервативната телевизија „Фокс Њуз“ во САД.

Причина за оваа одлука се расистички и навредливи коментари што водителот на шоуто, Такер Карлсон ги упати кон имигрантите во САД, поддржувајќи ја политиката на Доналд Трамп кон имиграцијата.

„Samsung“, „Jaguar - Land Rover“, „SanDisk“, се дел од брендовите што се решија, некои целосно, некои привремено, да го запрат рекламирањето на нивните производи, додека на телевизијата се емитува шоуто „Tucker Carlson Tonight“.

Карлсон во програмата во живо рече дека имигрантите ќе ги направат Соединетите Држави „посиромашни, повалкани и разединети“.

Меѓу првите компании што се реши да ги суспендира своите реклами од телевизијата е „Pacific Life insurance“.

Како компанија воопшто не се согласуваме со ставовите на господинот Карлсон. Нашите клиенти, како и нашата работна сила ги презентираат различностите, врз коишто е изградена нашата нација, на што сме исклучително горди. Следната недела нема да се рекламираме во шоуто на Карлсон и уште еднаш ќе ја разгледаме нашата корелација со неговата емисија“, се вели во соопштение од осигурителната куќа.

Од телевизијата „Фокс Њуз“,  којашто е блиска до републиканците и до претседателот Трамп, пак, не се загрижени. Сметаат дека овие повлекувања нема да влијаат врз нивниот профит од рекламите.

Според нивно тврдење, компаниите што го бојкотираат шоуто на конкретниот водител, не се повлекле целосно од телевизијата, туку своите рекламни содржини ги пренасочиле кон други телевизиски пакети.

Сепак, според коментари на познавачи на маркетиншкиот пазар во американските медиуми, овој бојкот може да резултира со одредени чекори од менаџментот на телевизијата кон шоуто на контроверзниот водител.

Во контекст на овој случај, се поставува прашањето, дали нашите домашни огласувачи би имале храброст да повлечат свои реклами од нечија емисија што изобилува со навреди на национално, верско и етничко ниво.

Таков медиумски пример кај нас е случајот со водителот и новинар Миленко Неделковски, којшто на 17 јануари ќе седне на обвинителна клупа за ширење говор на омраза.

(AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме