Digital

ДИЗАЈНЕРИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ, ДОЈДЕТЕ: Дропбокс го менува логото, бара помош од креативците (видео)

05 окт 2017

 

Кампања за целосно ребрендирање, како на логото, така и на целокупниот свој имиџ покрена компанијата „Дропбокс“ која глобално нуди клауд простор за складирање на податоци во електронска форма.

По тој повод, од „Дропбокс“ упатија повик до дизајнери и секаков вид креативци од светот да се вклучат со свои предлози во нивната кампања. Ребрендирањето е во рамките на одбележувањето на десетгодишнината од формирањето на компанијата.

Глобалната кампања на „Дропбокс“ прво ќе се спроведува во Велика Британија, во САД и во Австралија.

Во надреалниот едноминутен видеозапис на уметниците и на креативците им се порачува дека „на светот му е потребна нивната креативна енергија“. Целта на „Дропбокс“ е во клауд сферата да се позиционира како работно поле за тој тип на креативци.

Каролин Фенштајн, директорката за маркетинг во „Дропбокс“, вели дека нивниот нов дизајн за брендот, кој изобилува со живи бои, е инспириран од креативните решенија на нивните корисници.

- Секојдневно нè потсетуваат на што сè сме способни кога ја ослободуваме сопствената креативна енергија. Не мора човек да биде сликар или, пак, креатор на документарци. Сите сакаме да правиме нешто што има значење, што ги одржува нашите идеи и нашите потенцијали - вели Фенштајн.

Според неа испирацијата доаѓа од музичарите, дизајнерите, медицинарите и од сите оние кои имаат уникатни и индивидуални начини за користење на таа платформа. Од компанијата тврдат дека сакаат да ја поттикнат креативната енергија, а не да ја исцицаат, како што вообичаено се случува во многу професионални потфати.

 

 

Новиот изглед е смислен и изработен во бренд студиото во „Дропбокс“,  а во соработка со „Колинс инструмент“, „ХХХIХ“, „Шарп Тајп“ и „Анимејд“.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме