Digital

„ГУГЛ“ И „ФЕЈСБУК“ ТРИЈАТ РАЦЕ: Годинава вложени 45 милијарди долари за рекламирање со апликации

09 окт 2017

 

Според предвидувањата на истражувачкиот центар „еМаркетер“, годинава ќе има значителни заработки на полето на мобилното огласување. Според анализата на Центарот, огласувањето во рамките на мобилните апликации ќе достигне вредност од 45,3 милијарди долари.

Според „еМаркетер“, тоа се цели 11 милијарди долари повеќе од минатата година, а од тоа раце ќе тријат „Фејсбук“ и „Гугл“.

Како што наведува истражувачкиот центар, мобилните апликации се местото каде што одат вложувањата, кога станува збор за мобилното огласување и опфаќаат осумдесет отсто од сите вложувања во САД потрошени на мобилно огласување.

Се чини дека бројките се во директна поврзаност со други извештаи кои укажуваат дека потрошувачите 87 проценти од своето време поминато на мобилните уреди, го трошат на апликациите. Остатокот од буџетот оди за отвореното мобилно веб-пребарување.

- Маркетерите своите буџети за огласување ги насочуваат кон местата каде што потрошувачите го поминуваат времето - вели Мартин Утрерас, потпретседател на дивизијата за анализи во „еМаркетер“.

Според Утрерас, околу 60 отсто од буџетите за огласување во апликациите, одат кај „Гугл“ и „Фејсбук“.

- Секако, „Фејсбук“ и „Гугл“ се големи играчи, но „Гугл“ е нешто помал кога станува збор за огласните долари, додека „Фејсбук“ е многу подоминантен - вели Утрерас.

Иако мобилниот веб-браузинг се зголемува, неговиот удел во вкупната потрошувачка во мобилното огласување се намалува, се тврди во анализата на „еМаркетер“. Годинава огласувањето преку мобилен веб-браузинг ќе достигне вредност од 13 милијарди долари, што е слаб пораст во однос на минатогодишните 12,7 милијарди долари.

Утрерас вели дека добри вести има и за издавачите, а особено за оние со апликации што репордуцираат видеозаписи.

- Тоа е едно од подрачјата каде што има раст. Многу е поделотворно во однос на ангажманот со потрошувачите, а тоа е нешто што во меѓувреме издавачите го подобрија - вели Утрерас.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме