Digital

ДОСАДНИТЕ ОДАТ ВО АУТ: Фејсбук ќе ги прикажува само постовите со многу лајкови и коментари

22 јан 2018


Од бројот на „лајкови“ или коментари што ќе ги добиете под некоја објава, ќе зависи дали вашата фотографија, текст, мислење, видео ќе стигнат до вашите пријатели на „Фејсбук“. Тоа е дел од новитетите што во следните неколку месеци ќе бидат имплементирани во алгоритмите на најголемата и највлијателна социјална мрежа во светот.

Промените стартуваа од почетокот на јануари оваа година и веќе предизвикаа бројни реакции како кај бизнис-секторот, којшто го користи „Фејсбук“ за промотивни објави, така и кај физичките лица.

Од компанијата деновиве повторно излегоа со соопштение во кое детално опишуваат што ќе значат овие измени во начинот на објавување на „Фејсбук“.

Како што веќе и беше најавено, ударот најмногу ќе го почувствуваат огласувачите, бизнисите, како и медиумите, коишто за своите продукти, новитети, услуги, информираа преку Фејсбук.

Нивните објави речиси и ќе исчезнат од „њузфидот“ на корисниците. За сметка на тоа, предност ќе им се даде на тоа што ќе го објавуваат самите луѓе. Но, и тие објави мора да бидат интересни, односно да поттикнуваат ставање лајкови, реакции, коментари. Доколку го нема тоа, тогаш и самите физички корисници ќе бидат потиснати на „Фејсбук“.

За сите промени што веќе се случуваат на „Фејсбук“ зборува Адам Мосери, одговорен за содржините што се појавуваат во „њузфидот“ (News Feed) на корисничките профили.

Објаснувањата тој ги објави како блог-пост на „Фејбсук“. Во продолжение ги објавуваме неговите упатства и сугестии како да ве има на социјалната мрежа.

* * *

Адам Мосери, Одговорен за Њузфид (News Feed)

Фејсбук беше направен за да ги поврзува луѓето меѓусебно. Еден од начините со кој го постигнуваме тоа е да ги доведеме луѓето поблиску до значајни објави од нивните пријатели и роднини во „њузфидот“ (News Feed). Во следните неколку месеци ќе правиме надградби во рангирањата, така што луѓето ќе добијат повеќе можности да стапат во комуникација со личности што ним им се блиски.

Кои се надградбите?

За да одредиме која објава ќе биде позиционирана повисоко во „њузфидот“ гледаме како и колку луѓето реагираат, коментираат или го споделуваат тој пост.

Со оваа надградба, исто така приоритет ќе им се даде на постовите што поттикнуваат конверзации и значајни интеракции меѓу луѓето. За да го направиме тоа, ќе предвидуваме кои од постовите е можно да предизвикаат повеќе интерес и споделување со пријателите, така што истите ќе ги прикажуваме на повисока позиција во „њузфидот“.

Тоа се таков тип на постови што инспирираат двосмерна комуникација во делот за коментарите, како и постови коишто веројатно би посакале да ги споделите или да покажете одредена реакција кон нив. Такви на пример се објави во кои ваши пријатели бараат совет, бараат препораки за некое патување, или, пак, некаква информација или видео што поттикнува дискусија.

Ќе им дадеме предност на постовите од пријателите и роднините, за сметка на рекламна и јавна содржина.

Што значи ова за Фејсбук страниците?

Просторот во „њузфидот“ е ограничен, па за да можеме да прикажеме повеќе постови од пријатели и роднини, коишто генерираат конверзации, ќе ја скратиме јавната содржина. Тоа ќе вклучи кратење и на видеата и на другите постови што доаѓаат од информативни портали, од бизниси и од огласувачи.

Како што ќе ги инкорпорираме измените, така ќе се забележи пад во посетите на Фејсбук страниците и во нивните видеа. Сепак, ударот ќе варира од страница до страница и ќе зависи од типот на содржината што таму се објавува и од начинот на којшто посетителите развиваат интеракција со тие страници. Страниците коишто генерираат постови на коишто луѓето, претежно, не реагираат или не коментираат, ќе се соочат со најголем пад во посетите. За разлика од нив, кај страниците коишто развиаат и поттикнуваат конверзација меѓу пријателите, ограничувањата нема толку да се одразат.

Дали корисниците ќе гледаат постови од страниците што ги следат?

- Да. Луѓето коишто ќе сакаат да гледаат повеќе постови од страниците што ги следат, ќе можат самите да ја изберат опцијата „See First“ во „News Feed Preferences“. Така ќе бидат сигурни дека секогаш ќе ги гледаат постовите од нивните омилени ФБ-страници.

Каков тип на постови поттикнуваат т.н. продуктивни конверзации?

- Објавите од страниците коишто генерираат конверзација меѓу луѓето, ќе се позиционираат повисоко во „њузфидот“. На пример, видеата во живо често поттикнуваат дискусија меѓу гледачите. Во основа видеата во живо генерираат шест пати повеќе интеракции, отколку регуларните видеа.

Луѓето често дискутираат за содржина што е општо позната. Така информативните страници можат да поттикнат конверзација со објави за битни прашања. Локалните бизниси, пак, можат да се поврзат со својата публика преку објавување релевантни новитети и преку креирање настани.

Користењето на т.н. „engagement-bait“, што би ги „присилувале“ корисниците да коментираат на одредени постови, не е продуктивна интеракција. Ќе продолжиме да го обесхрабруваме објавувањето на таквите содржини во „њузфид“.

Дали тоа значи дека ќе бидат отстранети постовите од страниците?

- Не. Оваа надградба не е иста со неодамнешните тестови што ги направивме, кога целата содржина од ФБ-страниците беше отстранета од „њузфидот“ на корисниците. Објавите од ФБ-страниците и натаму ќе се појавуваат во „њузфидот“, но во помал број и интензитет.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме