Digital

САМО ДА ГИ ЗАДРЖАТ КОРИСНИЦИТЕ: „Инстаграм“ нуди и онлајн купување преку платформата

07 фев 2018

Никако да не се испуштаат корисниците и да се задржат што подолго на платформата, е главната девиза на популарните социјални мрежи. За да ја оствари таа цел, „Инстаграм“ на корисниците почна да им нуди можност да купуваат онлајн, директно преку платформата, додека се приклучени на оваа социјална мрежа.

Се работи за т.н. „Collection ads“, со коишто на брендовите им се нудат рекламни позиции во „тајмлајнот“ на корисниците. Самата апликација ќе им овозможи на корисниците да ги истражат продуктите што се нудат на продажба и преку „Инстаграм“ да направат директно купување.

„Инстаграм“ овие опции ги нарекува „collection campaigns“ и првично беа тестирани на платформата на „Фејсбук“, во чијашто сопственост е оваа популарна мрежа за споделување видеа и фотографии.

Развојот на можностите за е-трговија е еден од главните адути на „Инстаграм“, преку кој самата социјална мрежа би се финансирала во иднина. Воедно, ова е потег со кој му се дава нов удар на конкурентот „Снепчет“, којшто неодамна промовираше опција „store“ на својата платформа.

Притоа, главната идеја е ова онлајн-тргување да се одвива во рамките на самата апликација, да не мора корисникот да излегува од апликацијата за да ја погледне понудата што ја дава некој бренд.

Меѓу првите брендови што ја прифатиле оваа можност за пласирање на своите продукти се „Birchbox“ и „Revolve“ од областа на козметичката индустрија. Според истражувањата од компанијата, околу 200 милиони корисници следат „акаунти“ што се поврзани со мода и козметика.

Во меѓувреме, „Инстаграм“ стана битен дел од механизмот за заработка на „Фејсбук“. Минатата недела беше објавено дека во САД се намалила бројката на корисници на „Фејсбук“, но и времето што воопшто луѓето го поминуваат на социјалната мрежа.

Од компанијата на Марк Цукерберг, во чиешто сопствеништво е „Инстаграм“ со голем оптимизам гледаат на оваа брзо-растечка платформа.

- „Инстаграм“ е визуелна продавница за брендовите и гледаме дека многу повеќе луѓе ја гледаат бизнис-можноста што постои тука. Околу две третини од посетите на комерцијалните профили на „Инстаграм“, се од луѓе што не биле нивни следачи (followers) - вели Шерил Сендберг, извршен менаџер во „Фејсбук“.

„Фејсбук“ има повеќе од пет милиони огласувачи, додека „Инстаграм“ има околу два милиони. На „Фејсбук“ има околу 70 милиони бизниси, додека на „Инстаграм“ се 25 милиони.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме