Digital

ЧИСТКА НА ЈУТЈУБ: За три месеци избришани над осум милиони порнографски и „спам“ видеа

25 апр 2018

Повеќе од осум милиони видеа со порнографска содржина, како и голем број „спам“ содржини се целосно избришани од популарниот сервис „Јутјуб“. Бришењето било направено во периодот од октомври до декември минатата година, а податоците се објавени во првиот квартален извештај за работењето на најпопуларниот сервис за онлајн видеа.

Според извештајот од „Гугл“, под чија капа е „Јутјуб“, повеќе од шест милиони од видеата автоматски биле ставени на ревизија во рамките на нивните софтверски алгоритми. Притоа, дури 76 отсто од содржините биле избришани уште пред да стигнат до јавноста и да добијат какви било прегледи.

Употребата на софтвер и машини што учат, во процесот на чистење на несоодветната содржина, е дел од т.н. План во четири чекори на „Гугл“, којшто беше првпат претставен во декември минатата година. Истиот план вклучува и ангажман на поголем број луѓе што ги контролираат видео содржините, како и имплементација на построги критериуми за рекламирање.

За реализација на планот, во „Гугл“ се ангажирани голем број професионалци што имаат специјалистички познавања во полето на екстремизмот, тероризмот, човековите права. Исто така, зголемена е соработката со лица од регионални едукативни институции, владини партнери, како и невладини организации.

Во извештајот, објавен во март, се вели дека во 2017 година „Гугл“ избришал 3,2 милијарди „лоши реклами“, а блокирал уште 79 милиони реклами што автоматски ги пренасочувале корисниците на интернет страници со потенцијални вирусни закани. Притоа биле избришани и 400.000 интернет страници што од страна на „Гугл“ биле оценети како небезбедни за корисниците.

За овие активности зборуваше и Сундар Пичаи (Sundhar Pichai), извршниот директор на „Гугл“, објаснувајќи дека тоа што го прават е со цел да го одржат „Јутјуб“ безбеден за корисниците.

Тој истакна дека иновациите и натаму ќе доаѓаат, но на прво место ќе им биде заштитата на корисниците.

Инвестираме во нови можности, како што е опцијата за емитување во живо, што е исклучително популарна. Но, во исто време, додека инвестираме во нови услуги, остануваме фокусирани на квалитетната содржина. Целосно сме вклучени и во борбата против содржини што се спротивни од нашите строги политики“, вели првиот човек на „Гугл“.

(AdToDate.mk/Извор: The Drum)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме