Digital

НАД ОЧЕКУВАЊАТА: „Фејсбук“ и „Гугл“ со значително зголемени приходи во првите три месеци од годинава

04 мај 2018

Сумирањето на финансиските резултати за првиот квартал донесе за многумина изненадувачки информации, најмногу поради очекуваните импликации од зголемениот интерес на јавноста за начинот на управување со податоците. Имено, и „Гугл“ и „Фејсбук“ прикажаа сериозен раст по однос на истиот период минатата година.

„Фејсбук“ објави приходи од речиси 12 милијарди долари во првото тромесечие од 2018, или пораст од 49% во однос на истиот период во 2017. Дополнително, профитот пред оданочување пораснал за 64%, односно до 5,5 милијарди долари, а нето профитот за 63% или до нешто помалку од пет милијарди долари.

Истовремено, „Гугл“ (односно „Alphabet“) информираше дека компанијата остварила над 31 милијарда долари само во првиот квартал од 2018, споредено со 24,75 милијарди остварени минатата година во истиот квартал. Нето профитот за првиот квартал изнесувал 9,4 милијарди долари, споредено со 5,43 милијарди минатата година. И овој пат, најголем удел во приходите на „Гулг“ има огласувањето и тоа дури 84%.

Континуираниот растечки тренд на двете компании кој достигнува нови височини секој квартал е во корелација со зголемувањето на средствата за огласување што се трошат преку нивните сервиси. Предностите што ги нудат дигиталните платформи за огласување како „Facebook Ads“ и „Google AdWords“ веќе стануваат познати и прифатени и надвор од стручните кругови, па се повеќе доносители на одлуки во компаниите решаваат да ги зголемат буџетите за дигитални активности и огласување.

Од аспект на маркетинг активностите, алатките на двете компании, како и пазарот кој го покриваат, сè уште немаат пандан и сè додека е така, за очекување е нивниот раст да продолжи без разлика на реалната загриженост за начинот на употреба на податоците на корисниците. Прва пречка на тој пат ќе биде GDPR – General Data Protection Regulation актот на Европската унија, во пресрет на кој „Фејсбук“ го повлече управувањето со податоците на корисниците од Ирска во Калифорнија.

(За AdToDate.mk: Дарјан Раденковиќ/@NewMediaMK)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме