Digital

ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА „АЈФОН“: Чистка на апликациите што без дозвола ви ја снимаат локацијата

11 мај 2018

Без ваше одобрување, повеќе нема секој да знае каде сте. Апликациите што без дозвола ја снимаат вашата локација и ја споделуваат со трети страни целосно ќе бидат избришани.

Сепак, ова се однесува само на корисниците на телефон „ајфон“ или на кој било друг паметен уред што е дел од производната линија на „Епл“. Компанијата донесе одлука со која од својата „Епл стор“ (App Store) ќе ги отстрани апликациите што без одобрување прибираат податоци за локацијата на корисниците и ја споделуваат со т.н. third parties.

Освен за локација, правилото се однесува и за сите лични и други податоци што се поврзани со корисниците.

Апликации што прибираат податоци за корисници мораат да имаат политика на приватност и да обезбедат согласност од корисниците за таквата активност... Нечии лични податоци не можете да ги користите, ниту да ги трансферирате кон други, без да се обезбеди согласност од корисниците

„Апликации што прибираат податоци за корисници мораат да имаат политика на приватност и да обезбедат согласност од корисниците за таквата активност... Нечии лични податоци не можете да ги користите, ниту да ги трансферирате кон други, без да се обезбеди согласност од корисниците, како и да им се овозможи увид за тоа како и каде нивните податоци би биле употребени“.

Тоа стои во новото упатство за користење што „Епл“ им го упати на креторите што нудат свои апликации преку „App Store“.

Според новите правила, „Епл“, освен забрани за „непослушните“, сака да создаде и терен во кој креаторите на апликации ќе мораат да ги информираат корисниците за начинот и за целите за кои се користат и споделуваат нивните податоци.

Потегот е во согласност со новата регулатива на Европската унија, General Data Protection Regulation (GDPR), којашто ќе почне да се спроведува кон крајот на овој месец.

Како што неодамна објави магазинот „Блумберг“, „Епл“ ќе креира и посебна интернет страница преку која корисниците ќе можат да ги данлоадираат сите свои податоци и, доколку изберат, да го избришат сопствениот профил.

Сите потези за заштита на податоците се последица од мега-скандалот поврзан со „Кембриџ аналитика“, а во кој биле споделени и злоупотребени податоци од повеќе од 87 милиони корисници на „Фејсбук“.

(AdToDate.mk/Извор: TheNextWeb)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме