Digital

ПОДГОТВЕНИ ЛИ СТЕ ЗА ФЕЈСКОИН: „Фејсбук“ планира лансирање сопствена криптовалута (видео)

14 мај 2018

Фејскоин веројатно би се викала новата криптовалута, доколку се реализираат гласините дека најголемата социјална мрежа „Фејсбук“ би лансирала сопствено дигитално платежно средство. Според сознанијата на онлајн телевизијата „Cheddar“, плановите се да се креира виртуелен токен што ќе им овозможи на повеќе од две милијарди корисници на „Фејсбук“ да прават електронски плаќања преку социјалната мрежа.

Според информациите на „Cheddar“, во топ-менаџментот на компанијата на Марк Закерберг веќе сериозно се размислува за начинот на кој би се реализирале таквите планови.

„Фејсбук“ почнал со анализи на т.н. „блокчеин“ (blockchain) технологија пред речиси една година. Морган Белер, членка на тимот за корпоративен развој веќе истакна дека компанијата почнала да го испитува теренот, а со цел да се најде најсоодветен начин за имплементирање на новата (blockchain) технологија во платформата на социјалната мрежа.

Во тој период само Белер била задолжена за истражување на новата технологија, Но, од неодамна е формиран нов тим за, како што се вели во објавата на „Cheddar“, истражување на најдобрите можни начини за вклучување на „блокчејн“ процесот во рамките на „Фејсбук“.

На чело на новиот тим е поставен Дејвид Маркус, поранешен директор на „Пејпал“, како и еден од првите инвеститори во развојот на најпопуларната криптовалута во светот, биткоин.

Засега од „Фејсбук“ нема јасни одговори за крајната цел и намена на новоформираниот тим што ќе го води Маркус, а којшто брои десетина професионалци од областа на криптовалутите.

„Како и многу други компании, и 'Фејсбук' бара начин да ја имплементира новата и моќна блокчејн технологија. Овој мал тим ќе истражува различни апликации. Засега немаме што повеќе да споделуваме“, се вели во изјава што од „Фејсбук“ ја дале за каналот „Cheddar“.

Според заклучокот во видео-прилогот, на „Фејсбук“ ќе му бидат потребни повеќе години додека да се реализира нивната намера за приклучување кон блокчејн технологијата и креирање нова криптовалута. Истата технологија би можела да му помогне на „Фејсбук“ при верификација на корисничките профили и енкрипција на податоците.

Виртуелната валута не е новина за „Фејсбук“. Во 2009 година социјалната мрежа создаде т.н. „Фејсбук кредити“, што можеа да се користат за купување виртуелни добра во популарните игри, како што беше „Farmville“. Но, оваа опција не наиде на голем интерес, па после две години „Фејсбук“ се откажа од таквите виртуелни кредити.

Повеќе информации за плановите на „Фејсбук“ околу воведувањето нова криптовалута на пазарот можат да се погледнат на следниот линк.

(AdToDate.mk/Извор: Cheddar.com)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме