Digital

ЌЕ СЕ СООЧИ СО ЕВРОПСКИТЕ ПРАВИЛА: Закерберг оди на сослушување во Брисел

22 мај 2018

Очи во очи со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, како и со лидерите на политичките групи во ЕП, утре во Брисел ќе се најде Марк Закерберг, првиот човек на „Фејсбук“.

Средбата, иако првично најавувана дека ќе биде зад затворени врати, сепак ќе се емитува онлајн, во живо, така што јавноста ќе може да ги следи сите прашања со кои ќе се соочи Закерберг. Главна тема на разговорот ќе биде скандалот поврзан со „Кембриџ аналитика“, а во кој беа злоупотребени податоци на повеќе од 87 милиони корисници на „Фејсбук“.

Отчетот на Закерберг во седиштето на ЕУ се случува три дена пред да стапи во сила новата регулатива на Европската унија, General Data Protection Regulation (GDPR), а со којашто сите оние што нудат какви било услуги онлајн ќе се соочат со строги правила при прибирањето податоци за корисниците.

Состанокот ќе се одржи во периодот од 18.15 до 19.30 часот, по локално време. Очекувањата се дека на Закерберг ќе му бидат поставени прашања за тоа колку податоците на европските корисници на социјалната мрежа се заштитени и какви мерки ќе преземе неговата компанија во насока на почитување на одредбите од новата регулатива за заштита на корисничките податоци.

Закерберг веќе имаше соочување со сенаторите во Американскиот конгрес. Но, целото испрашување таму помина без посериозни заклучоци, со оглед дека конгресмените покажаа мали познавања на начинот на кој функционираат социјалните мрежи.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме