Digital

„ИЗВИНИ-ШОУ“ НА ЗАКЕРБЕРГ ВО БРИСЕЛ: Празни одговори од челникот на „Фејсбук“ за европарламентарците

23 мај 2018

Извинете, морално беше, ама нема да се повтори, еве ветувам најдлабоко на цел свет, иако може пак ќе утнеме нешто, па повторно ќе ви се извиниме. Парафразирано, тоа е заклучокот од вчерашното сведочење на првиот човек на „Фејсбук“, Марк Закерберг кој беше на „сослушување“ во Европскиот парламент во Брисел.

Иако очекувањата беа дека Закерберг конечно ќе се соочи со остри прашања и дека ќе се препоти во Брисел, неговото сослушување се претвори  во веќе видено „извини-шоу“. Челникот на Фејсбук, цел саат ги убедуваше европарламентарците дека тоа што се случи со „Кембриџ аналитика“ е само еден изолиран случај и дека други не постојат, како и дека веќе прават ревизија на сите апликации што прибираат податоци за корисниците.

Сослушувањето го водеше претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, а прашањата ги поставуваат лидерите и дел од членовите на политчките блокови во Европскиот парламент.

Главниот заклучок и впечаток е дека самите европарламентарци не се задоволни од одговорите на прашањата што му ги поставија на Закерберг. Притоа дел од вината префрлаат на концептот на кој беше смислено сослушувањето, односно секој од парламентарците мораше однапред да изнареди серија прашања, што на Закерберг му остави простор да бира што и како ќе одговори.

Меѓу понезадоволните е белгискиот европарламентарец Ги Верхофштад, кој искоментира дека Закерберг му наликува на лик од книга во која ИТ компанија ја губи контролата врз систем на вештачка интелигенција.

„Моето прашање до Закерберг беше едноставно, дали е способен да ја поправи неговата платформа и да нè убеди дека таа нема да има негативни ефекти врз граѓаните и врз демократијата“, искоментира белгискиот европарламентарец.

Тој додаде дека е „недозволиво Закерберг да дојде во Европскиот парламент и да не даде одговор на ниту едно прашање. Тоа нема да му помине“, категоричен е Верхофштад.

Манфред Вебер, пак, лидерот на Европската народна партија, истакна дека е дојдено време да почне дискусија за уривање на „монополот на 'Фејсбук', бидејќи веќе е премногу моќен“.

Одговорот на Закерберг беше дека компанијата држи шест проценти од глобалниот огласувачки пазар, но и дека нивната политика на користење на платформата во комерцијални цели не дозволува на креаторите на апликации да вршат злоупотреби на прибраните податоци од корисниците.

Голем дел од прашањата што му беа поставени, Закерберг или делумно, или општо, или, пак воопшто не ги одговори и им вети на европарламентарците дека ќе добијат одговори на писмено за сè што е неодговорено.

Сослушувањето во ЕП се одржа на три дена пред да стапи во сила регулацијата позната како GDPR (General Data Protection Regulation). Новата регулација е дополнување на законските одредби од 1996 година, при што се зголемуваат правата на корисниците за заштита на нивните онлајн податоци. Тоа ќе значи дека компаниите ќе мораат да им укажат на корисниците кога ќе користат нивни податоци.

Оние компании што нема тоа јавно да го обелоденат, можат да се соочат со казни од 20 милијарди евра или 4% од нивниот глобален обрт на средства.

Видео: Дел од најзначајните моменти на сослушувањето во Брисел

 

Целото испрашување на Закерберг од страна на европарламентарците може да се погледне на следниов линк.

 

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме