Digital

ИНТЕРНЕТОТ ОСТАНУВА БЕСПЛАТЕН: Европскиот парламент ја одложи цензурата за „украдена“ содржина

06 јул 2018

Мемиња, фотографии, видеа и натаму ќе можат комотно да се објавуваат на „Фејсбук“, без да се води строга грижа дали таа содржина е авторски заштитена. Европскиот парламент ја одложи иницијативата за отпочнување дебата во рамките на европските институции, а која би резултирала со надополнување на законот за авторски права и стриктна регулација за авторството на содржината што се споделува преку интернет.

Вкупно 318 европарламентарци гласаа против иницијативата, 278 беа „за“, а 21 останаа воздржани. Следно гласање се очекува да има на почетокот на септември.

Доколку новите директиви стапат на сила, тогаш платформите на коишто се споделува онлајн содржина, како што се „Гугл“ и „Фејсбук“, ќе бидат обврзани да воведат филтри со кои ќе се блокира содржината што не е авторски регулирана.

Тоа воедно ќе значи дека „Гугл“ и „Фејсбук“ ќе мораат да им плаќаат на медиумите, уметниците, авторите за да им се овозможи на корисниците на тие платформи слободно да споделуваат авторска содржина од некој медиум, музичар, артист.

За да може да направи обично меме од сцена од некој филм или од нечија фотографија или видео, корисникот ќе мора на „Фејсбук“ и на „Гугл“ да им докаже дека има дозвола од авторот на оригиналната содржина, да прави јавни споделувања.

Според некои од критичарите на овој предлог, дополнителните плаќања ќе се претворат во данок на линкови, со што значително би се ограничила слободата на интернетот.

Од новиот закон особено два члена беа спорни, членот 11 и членот 13.

Членот 11 требаше да ги заштити весниците и другите медиуми од „Гугл“ и „Фејсбук“ да не ги користат нивните материјали без надомест.

Членот 13, пак, требаше да ги принуди порталите повеќе да ги почитуваат авторските права, при што секоја онлајн платформа што им овозможува на корисниците да објавуваат текст, звук, слики, мемиња, би требала претходно да добие дозвола за тоа од оригиналниот извор.

Следи период на пеглање на предлогот за измени во законот за регулација на авторските права и за прецизирање на терминологијата со која јасно би се укажувало што смее, а што не смее да се споделува на интернет.

Иако во поголемиот дел од јавноста е против воведување на новите законски регулативи, многумина автори ја поддржуваат иницијативата.

Некогашниот член на „Битлси“, Пол Макартни застана во одбрана на новите регулативи.

- Потребен ни е интернет што ќе биде фер и одржлив за сите. Но, денес некои од платформите што им овозможуваат на корисниците аплоадирање онлајн-содржини, одбиваат фер компензација за авторите, музичарите, артистите, иако прават профит од тоа - вели Макартни.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме