Бади Винкли е најпопуларната баба на Инстаграм. Има деведесет години, се облекува во светкави фустани, носи костими за капење, снима реклами и ужива во својата популарност. Старицата не сака да ја викаат стара и сосема е во право за тоа.
Бади, чие вистинско име е Helen Ruth Elam Van Winkle, е родена во 1928 година, во време кога уште никој не ни помислувал на постоењето на интернетот и социјалните мрежи како „Инстаграм“ и „Фејсбук“.
Бади денес има повеќе од 3,7 милиони фанови, а нејзината популарност и натаму расте. На „Инстаграм“ е присутна како baddiewinkle.
„Убаво е кога имате големи соништа. Ако имате мали соништа, исто така е во ред. Битно е да сонувате за нешто во врска со себе. Тоа ќе ви даде смисла за вас и за вашата иднина“, вели Бади во едно од рекламните видеа посветено на бизнис инвестиции.
Популарната старица вели дека отсекогаш била против правилата и дека сакала да искуси што е можно повеќе од животот. За искуството со „Инстаграм“ вели дека ѝ донело многу повеќе забава и доживувања од сè што искусила до сега.
Иако не е класичен инфлуенсер, нејзината популарност е исклучително голема. Често се појавува во музички спотови, во телевизиски серии, како и во реклами за помалку и повеќе познати брендови.
За каква личност се работи најдобро ќе ви покаже нејзиниот профил на „Инстаграм“ којшто изобилува со фотографии и видеа што добро ќе ве насмеат.
(AdToDate.mk)