Digital

КАКО ЌЕ СЕ РЕКЛАМИРААТ БРЕНДОВИТЕ: Огласувачите ќе потрошат 30 милијарди долари на онлајн видеа

26 авг 2018

Триесет милијарди долари е сумата што се очекува да ја вложат светските компании за огласување на нивните производи преку рекламни видеа на интернет. Опасностите што демнат на интернет просторот и кои можат преку ноќ да го нарушат угледот на кој било од брендовите, не ги загрижува светските огласувачи.

Според новиот извештај на WARC, агенцијата што ги анализира пазарот и маркетинг индустријата во речиси сто земји во светот, огласувачите оваа година ќе потрошат вкупно 29,8 милијарди долари за видеа што ќе се пласираат преку интернет платформи. Тоа е раст за 27,5 проценти. Повеќето од тие видеа се очекува да бидат објавени преку социјалните мрежи, при што фокусот е ставен на мобилните уреди.

Оценките се дека огласувачите свесно ги изложуваат на ризик сопствените брендови. Масовното присуство на социјалните мрежи и на бројни непроверени интернет страници, може лесно да фрли сенка врз брендовите, односно да бидат рекламирани во контекст на содржина што е неприфатлива за широката публика.

Џејмс Мекдоналд, директорот на агенцијата WARC, вели дека огласувачите играат контрадикторно, односно самите одат против иницијативите да се воведе ред во онлајн рекламирањето и да се почитуваат бројни етички кодекси.

„Огласувачите беа тие што инсистираа на промени во оваа област и воведување построги правила за рекламирање. Но, бројот на прегледи ќе бидат небитни доколку контекстот во кој се појавуваат рекламните видеа е некоректен и несоодветен“, вели Мекдоналд.

Во извештајот од агенцијата се вели дека суматa што ќе оди за онлајн видео рекламирање е значително помала од таа што е наменета за „традиционално“ телевизиско огласување, односно изнесува само 17,5 проценти. Според аналитичарите на WARC, огласувачите ќе потрошат 170 милијарди долари севкупно за рекламни видео содржи.

Во САД, растот во онлајн рекламирањето ќе биде уште поголем и годинава ќе изнесува 19,3 проценти.

Но, анализата покажала и дека рекламирањето во печатена форма, т.н. принт, првпат после седум години покажало раст.

- Фер е да се каже дека принтот е непотребно потценет медиум. Тој ја привлекува публиката, а на брендовите им овозможува безбедност. Дури и „Фејсбук“, за да ја задржи довербата кон себе како бренд, почна да испраќа пораки и во печатена верзија - истакнува Мекдоналд.

Според прогнозите на WARC, консумацијата на онлајн видео содржини до 2020 година ќе достигне по 84,1 минута на ден. Тоа е раст за 26,6 проценти во однос на проектираните 66,5 минути на ден за оваа година.

Во анализата се опфатени и инфлуенсерите, при што се вели дека тие се заслужни за 84 проценти од гледаноста на видео содржините на „Јутјуб“ во првиот квартал во 2018 година.

(AdToDate.mk/Извор: Adweek)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме