Digital

БАРААТ ПОЗАБАВНИ АПЛИКАЦИИ: До крајот на годинава младите повеќе ќе користат Снепчет отколку Фејсбук

28 авг 2018

Конечно се појави анализа што покажува сериоза промена на полето на социјалните мрежи. Според магазинот „еМаркетер“, до крајот на 2018 година многу повеќе млади лица, што се на возраст меѓу 18 и 24 години, ќе користат Снепчет, отколку Фејсбук.

Според анализата, којашто се однесува на состојбите со социјалните мрежи во Велика Британија, до крајот на оваа година бројот на корисници на Снепчет ќе достигне 16,2 милиони. Околу 31 отсто од нив (односно околу пет милиони) спаѓаат во групата на млади корисници.

Прогнозата е малку изненадувачка, со оглед што матичната фирма, „Snap“ годинава доживеа пад со својата апликација. Првата надолна линија, што покажа позначително намалување на бројот на нови корисници се случи во вториот квартал на 2018 година и изнесуваше два проценти. Тоа воедно е прв пад во бројот на нови корисници од формирањето на фирмата во 2011 година.

Изразено во бројки, овој надолен тренд за „Snapchat“ значеше пад од 191 милион, на 188 милиони корисници глобално, или, во пари, загуба од 353 милиони долари.

Сепак, анализите на „еМаркетер“ укажуваат дека постојат сигнали што ветуваат подобри времиња за Snapchat.

Според извештајот, бројот на нови корисници на Фејсбук од таа возрасна категорија ќе стагнира, односно ќе се задржи на 4,5 милиони. Тоа е пад за 1,8% во однос на 2017 година.

Покрај бавниот раст после скандалот со „Кембриџ аналитика“, Фејсбук и натаму секој месец бележи регистрација на нови корисници. Но, „новозапишаните“ се претежно од постарите генерациски групи.

Согласно тоа, „еМаркетер“ предвидува дека во Велика Британија годинава ќе има 32,7 милиони корисници на „Фејсбук“, што е раст за 2% во однос на 2017 година.

Кај Инстаграм, пак, работите исто така одат во нагорна линија, но не доволно брзо. Иако станува популарен меѓу младите генерации, „Инстаграм“ и натаму е зад „Снепчет“, со прогнозирани 4,2 милиони нови корисници од младите возрасни групи.

Твитер е далеку зад интересите на младите. Според „еМаркетер“ само 2,6 милиони корисници, што се на возраст од 18 до 24 години, ќе користат Твитер.

Статистиките укажуваат дека голем дел од младите генерации го заменуваат Фејсбук, или воопшто не почнуваат да го употребуваат, а во корист на, за нив, многу поинтересни мобилни апликации. Токму Снепчет, со можностите за брзо разменување фотографии и анимации се покажа како топ дигитална дестинација за новите генерации.

(AdToDate.mk/Извор: The Drum)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме