Digital

ИСТРАЖУВАЊЕ НА MOBDATA: Во Кина сиромашните користат iPhone, а богатите Huawei

25 ное 2018

Корисниците на „Ајфон“ во Кина се претежно лица со послабо образование и со ниски примања, додека корисниците на „Хјуавеј“ имаат повисоко образование и солидни примања. Ова го покажало истражување на агенцијата „MobData“.

Истражувањето е објавено во „South China Morning Post, а било фокусирано на личните примања, како и на нивото на едукација на корисниците на паметни телефони во Кина.

Според селекцијата во истражувањето, корисниците на „Ајфон“ се сместени во категорија именувана „The invisible poor“. Мнозинството од нив се лица од женски пол, коишто не се во брак и се на возраст од 18 до 34 години. Во просек имаат завршено средно училиште, а месечните примања им се пониски од 430 долари.

Спротивно од нив, корисници на „Хјуавеј“ се претежно лица од машки пол, на возраст од 25 до 34 години, и во брачен однос. Во просек тоа се лица со универзитетска диплома, а месечните примања им се движат од 720 до 2.800 долари.

Во истражувањето се тврди дека поголемиот дел од корисниците на „Хјуавеј“ имаат сопствени домови и возила, додека корисниците на мобилните уреди на „Епл“ немаат.

Агенцијата што го направила истражувањето е со седиште во Шангај. Притоа нема објава за бројот на лицата што биле вклучени во анкетирањето.

„Епл“, после „Самсунг“ и „Хјуавеј“ е третиот најголем бренд за мобилни уреди што е застапен во Кина. Сепак, битно е да се напомене дека овој познат американски бренд таму е изложен на голем притисок од страна на домашните кинески брендови, коишто се фаворизирани од страна на трговците.

Во меѓувреме, „Хјуавеј“ важи за лидер на пазарот за мобилни уреди во Кина, кој заедно со Xiaomi, Oppo и Vivo држи 80 проценти од пазарот. Во силната кинеска конкуренција, „Епл“ има само девет проценти од пазарот.

(AdToDate.mk/Извор: South China Morning Post)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме