Digital

АНАТОМИЈАТА НА ЕДНА КАМПАЊА: Како се креирани „растреперените“ плакати за Ројал опера хаус (видео)

06 дек 2018

Опера, балет, оркестар, три вида на уметнички израз се застапени под еден покрив, а тоа е Кралската опера во Лондон (Royal Opera House).

Во септември годинава, после три години реновирање и потрошени над 50 милиони фунти, Операта доби нова сала за претстави и концерти. Со реновирањето е задржан историскиот белег на културниот храм, но внесени се и многу новитети и технолошки предности од новото време.

Создавањето и водењето на кампањата за промоција на новиот простор ѝ била доверена на агенцијата Atomic од Лондон. Главната задача била да се долови спојот на уметности што се креираат во Операта, како и врската меѓу традицијата и модерното.

Немавме проблем со популарност на брендот. Речиси секој има слушнато за Ројал опера хаус. Но, тоа што ни требаше да го совладаме е начинот на перцепција. Се работи за институција од светска класа, што не е 'фенси', туку место каде се создава уметност отворена за секого“, вели Луси Синклер, директорка за медиуми и публика во Операта.

После брифирањето со креативната агенција, било заклучено дека во визуелните решенија за кампањата треба да се поврзат емоцијата, балетскиот перформанс и музичките вибрации.

За да се долови таков ефект, биле применети тактиките на научникот Харолд Едгертон, познат по неговата стробо-фотографија во шеесеттите години од минатиот век.

Биле ангажирани балерини, чии движења требало да бидат прецизни како часовник. Секое нивно движење е снимано со камера поставена на 100 фрејмови во секунда.

Крајниот ефект од оваа постапка се снимки и фотографии на кои движењата на балерините изгледаат како вибрации од музички бранови.

Во продолжение е видеото што го покажува начинот на кој се работело на кампањата и како се добиени визуелните решенија.

(AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме