Тимот што ги работи социјалните мрежи на „Бургер Кинг“ има голема причина за славење. Од Твитер и официјално потврдија дека твит, објавен на еден од профилите на синџирот ресторани за брза храна, добил најмногу лајкувања на сите времиња, кога станува збор за брендови.
Вкупно 1,02 милиони „лајкови“ и над 270.000 споделувања се постигнати од 5 ноември кога бил објавен твитот.
Се работи за твит-реакција на „Бургер Кинг“ кон твит што го објавил артистот Канје Вест, а којшто е познат по неговото контроверзно однесување. Во неговиот твит Вест објавил дека „Мекдоналдс“ му е најомилен ресторан.
Набргу после оваа објава од страна на контроверзниот изведувач, реагирал тимот на „Бургер Кинг“ во Британија и објавиле твит-одговор од само три збора: „explains a lot“.
За кусо време, се случува бум од реакции кон одговорот на синџирот ресторани и бројот на допаѓања и споделувања повеќекратно се мултиплицирал низ социјалната мрежа.
Агенцијата што го води маркетингот на социјалните мрежи за „Бургер Кинг“ е „Coolr“ и има тим од само десет луѓе.
Од таму порачуваат дека за да се постигне посакувана реакција и „engagement“ од страна на корисниците, треба да се биде постојано во дослух со темпераментот на различните генерации.
„Не се согласуваме со размислувањето дека т.н. 'organic reach' на социјалните мрежи е мртов. Со вистинска стратегија, со јасен израз и со одредена доза храброст, можете автентично да го споите брендот со популарната култура. Така ќе креирате и идеи што ќе можат да пропатуваат низ светот“, вели Adam Clyne, извршен директор на агенцијата „Coolr“, сместена во Лондон.
(AdToDate.mk)