Гигантски мозаици од кучиња од неодамна им го привлекуваат вниманието на патниците на една од станиците во метрото во Њујорк. Се работи за нова инсталација зад којашто стои американскиот уметник, фотограф и видеограф, Вилијам Вегман.
На мозаиците се прикажани портрети од кучиња во човечка облека.
Уметничките креации се дел од колекцијата на Вегман, којшто е познат по неговите фотографии и видеа од неговите кучиња.
Како што објаснува уметникот, идејата му била, преку мозаиците да ги отслика стотиците илјади луѓе што секојдневно го користат њујоршкото метро.
„Сакав да создадам портрети на различни типови луѓе, кои што можеби ќе седнат до вас во метро. Затоа кучињата ги облеков во обична облека“, вели уметникот.
Мозаиците се поставени на една од многуте метро-станици во градот, каде исто така има различни уметнички инсталации.
Сите тие се дел од програмата „MTA Arts & Design“, што трае уште од 1985 година, а чија цел е станиците да бидат „украсени“ со уметнички дела од различни автори. До денес се опремени повеќе од 260 станици.
(AdToDate.mk)