Digital

НОВИТЕ ФИЛМОВИ ИМ ДОНЕСОА МИЛИЈАРДИ: Поскапата претплата не ги оттргна гледачите од Нетфликс

20 јан 2019

Филмот „Birdbox“ со Сандра Булок и иновативната нова сезона од серијата „Black Mirror“ во која гледачите можат самите да го избираат крајот, му донесоа огромна популарност на гигантот „Нетфликс“.

Иако од компанијата донесоа непопуларна одлука да ги поскапат цените на претплатата, којашто скокна од 11 долари на 13 долари месечно, тоа не ја оттргна публиката од нивните оригинални серии и филмови.

Според новите статистички податоци, заклучно со последниот квартал од 2018 година, гигантот имал заработка од 4,19 милијарди. Тоа е речиси идентично на сумата од 4,21 милијарда долари, што беше прогнозирана на Волстрит.

Податоците покажуваат дека сервисот добил и нови 1,53 милиони претплатници во САД, како и 7,31 милион на глобално ниво.

Сепак, акциите на „Нетфликс“ доживеаја пад од 2,9 проценти, после покачувањето на претплатничките цени.

Но, од компанијата не се загрижени. Велат дека ќе се држат до проверениот принцип, којшто подразбира инвестирање во оригинална и иновативна филмска програма.

„Нашиот модел е едноставен. Парите што ги добиваме од претплатниците секој месец, ги инвестираме за да им дадеме уникатна и уште подобра содржина. Поскапата претплата, значи и нов циклус од инвестиции“, вели Грег Питерс од „Нетфликс“.

Филмот „Birdbox“ со Сандра Булок се покажа како полн погодок. Според тврдењето на компанијата, филмот достигнал гледаност од 45 милиони само во првата недела од емитувањето.

Втор гигантски скок е интерактивната форма на телевизиски серии во кои гледачите можат самите да го бираат текот на дејството. Таква е епизодата „Bandersnatch“ од серијалот „Black Mirror“, којашто исто така наиде на позитивни реакции кај гледачите.

„За нашите креатори овој нов концепт е дополнителен предизвик. За само една таква епизода, потребни се најмалку пет часа снимен материјал, за гледачите да можат да го изберат тоа што го сакаат“, додава Питерс.

(AdToDate.mk/Извор:TheDrum)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме